Dildar Baykan Atalay
19 Декември 2023•Ажурирај: 19 Декември 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Американската администрација објави дека е воспоставена мултинационална мисија против сѐ почестите напади на Хусите на меѓународните бродови во Црвеното Море, јавува Анадолу.
Американскиот секретар за одбрана. Лојд Остин. рече дека сѐ почестите напади на Хусите во Црвеното Море го загрозуваат слободниот проток на трговијата, ги загрозуваат невините морнари и го кршат меѓународното право.
Истакнувајќи дека постои меѓународно барање за решение на овој проблем, Остин рече: „Затоа денес објавувам дека ја воспоставивме операцијата 'Просперитет Гардијан'. Ова е важна безбедносна иницијатива во Црвеното Море под капата на Здружените поморски сили и 153. оперативна група. Тоа е мултинационална безбедносна иницијатива.“
Покрај САД, во мисијата се и Велика Британија, Бахреин, Канада, Италија, Франција, Холандија, Норвешка, Сејшели и Шпанија.
Хусите во Јемен, поддржани од Иран, на 12 декември објавија дека гаѓале норвешки танкер што не одговорил на предупредувањата и се упатил кон Израел.
Британската поморска агенција објави дека танкерот и неговиот екипаж се безбедни.
Абдулмелик ал-Хуси, лидер на Хусите во Јемен, во телевизискиот говор на 14 ноември се закани дека би можеле да ги гаѓаат израелските бродови во Црвеното Море.
Јахја Сери, воен портпарол на Хусите, на својот профил на социјалната мрежа X, на 19 ноември, рече дека тие ќе го гаѓаат секој брод под израелско знаме како одговор на израелските напади врз блокираниот Појас Газа.
Потоа Хусите извршија напад со беспилотни летала и ракети врз два израелски брода, „Јунити Експлорер“ и „Намбр Најн“ во теснецот Баб ел-Мандеб.
Израелската бродска компанија ЗИМ во соопштението од 29 ноември наведе дека нејзините бродови нема да го користат Суецкиот Канал во Египет, наведувајќи ја како причина безбедносната ситуација во Оманскиот Залив и Црвеното Море.
На 4 декември ЦЕНТКОМ објави дека биле извршени четири напади врз три трговски брода во меѓународните територијални води во јужниот дел на Црвеното Море.
Во соопштението се наведува дека разурнувачот „УСС Карни“ на американската морнарица во јужниот дел на Црвеното Море одговорил на повикот за помош од комерцијалните бродови, а разурнувачот соборил три беспилотни летала што се движеле кон него додека им помагал на бродовите.