Gültekin Yetgin
12 Февруари 2020•Ажурирај: 13 Февруари 2020
ГИРЕСУН
– Гултекин ЈЕТГИН
Авганистанецот Омран Мохамед Мажидзаде, кој од раѓање нема половина рака, ги надминува сите бариери откако во Турција се запознава со пливањето.
Поради војната во својата земја, 10-годишниот Мажидзаде заедно со своето семејство емигрира во Турција, и во градот Гиресун отвора нова страница во својот живот. Мажидзаде учи во Основното училиште „Газипаша“, а неговиот наставник го насочи кон спортот.
Омран околу 3 месеци зема часови по пливање, и за кратко време покажува многу добри перформанси и го привлекува вниманието од неговите инструктори.
Мажидзаде во изјавата за новинарот на АА истакна дека живееле многу тежок живот во Авганистан поради условите предизвикани од војната.
Објаснувајќи дека во неговата земја најмногу се плашел од оружјето и бомбите, Мажидзаде рече дека во Авганистан секогаш бил вознемирен.

Посочувајќи дека заедно со својата мајка, татко и тројца браќа заминале за Турција, Мажидзаде нагласи: „Две години сме во Гиресун. Тука продолжувам со своето образование. Условите се многу добри, веќе нема од што да се плашам.“
Истакнувајќи дека во Турција, по препорака на неговиот наставник започнал со пливањето, Мажидзаде рече: „Тоа беше прекрасно за мене, попреченоста поради мојата рака не ми претставува проблем. Пливам, се забавувам, правам сè. Пливањето е многу лесно, тоа го правам без тешкотии. Пливам во слободен стил, пеперутка, градно, грбно, секако. Одлично е да се спортува.“
Мажидзаде истакна дека неговата цел е да победува на натпреварите во пливање.
Али Шахин, тренерот на Пливачкиот клуб „Гиресун Шахинспор“, истакна дека секогаш се обидуваат да им помогнат на лицата со попреченост.
Објаснувајќи дека наставниците лицата со попреченост ги насочуваат кон пливањето, Шахин истакна: „Омран го насочија кај нас. Се запознавме и со неговото семејство. Не навлеговме во многу детали, за тоа од каде дошле, што прават. За нас е најважно детето. Многу убаво зборува турски.“

- „Има потенцијал за спортист“
Наведувајќи дека откриле дека Мажидзаде е талентиран спортист, Шахин рече:
„Почнавме да разговараме со него лице во лице. Омран е многу работлив, дружељубив, тој е посебно момче. За кратко време научи да плива во четири пливачки дисциплини. Прв доаѓа на тренинзи, последен си заминува. Го ставивме да плива со децата кои немаат попреченост, пливаше во четири дисциплини. Порано имавме едно момче Аслан, исто така со попреченост, кое беше успешно на шампионатите. Се надевам дека ќе имаме уште еден Аслан.“
Шахин соопшти дека ќе извадат лиценца за Мажидзаде за да може да се натпреварува на шампионатите за лица со попреченост во Турција и дека верува оти тој ќе биде успешен на тие натпревари.