Ecenur Çolak
21 Септември 2016•Ажурирај: 21 Септември 2016
АНКАРА (АА) - Официјалните претставници на израелската амбасада во Анкара ѝ се заблагодарија на турската полиција за брзата и соодветна реакција на денешниот инцидент што пред амбасадата го предизвика машко лице вооружено со нож, јавува Anadolu Agency (AA).
Ранувајќи го во ногата, полицијата го неутрализираше Осман Ч. (38), кој мавташе со нож и извикуваше пред зградата на израелската амбасада во Анкара.
Напаѓачот е префрлен во болница, а надлежните безбедносни служби започнаа истрага за целиот случај.
Во писмено соопштение официјалните претставници на израелската амбасада ѝ се заблагодарија на турската полиција за соодветната реакција и за брзото воспоставување контрола.
„Немаше настрадани лица во инцидентот и сите службеници на амбасадата се на безбедно. Израелската амбасада има потполна доверба во турските служби коишто вршат истрага. Благодарни сме ѝ на полицијата за професионалната реакција“, се наведува во соопштението на амбасадата.
Од канцеларијата на гувернерот на Анкара, соопштено е дека првичните резултати на истрагата покажуваат оти напаѓачот не е поврзан со терористичките организации, а неговото однесување укажува на можност дека се работи за лице со ментално нарушување.