Jeyhun Aliyev
11 Јуни 2019•Ажурирај: 12 Јуни 2019
АДАНА (АА) - Државните обвинителства во Адана и Анкара издадоа налози за апсење на повеќе од стотина лица осомничени за поврзаност со терористичката организација ФЕТО, вклучувајќи и 48 активни припадници на турската војска, јавува Anadolu Agency (AA).
Државното обвинителство во јужната турска област Адана утринава издаде налог за лишување од слобода на 54 осомничени лица, за кои постојат наводи дека се поврзани со терористичката организација ФЕТО.
Станува збор за осомничени од истрагата која турските надлежни институции, со поддршка на Разузнавачката служба (MIT), ја водат во врска со новите структури за обука и врбување на терористите.
Турските сили симултано извршија претреси во шест приватни образовни установи во Адана, кои се отворени како алтернатива на претходно затворените установи на ФЕТО.
Досега се приведени 49 осомничени, меѓу кои има и жени, а потерата по преостанатите петмина осомничени е во тек.
Паралелно со тоа, Државното обвинителство во Анкара, денеска, исто така издаде налог за приведување на 52 осомничени лица во истрагата за инфилтрираните елементи на терористичката организација ФЕТО во копнените сили на турската војска.
На листата на осомничени лица се наоѓаат 48 активни припадници на турската војска и двајца кои претходно се суспендирани. Преостанатите двајца осомничени од листата за приведување се активни службеници на Министерството за шумарство и земјоделство, односно на Министерството за здравство.
Постапувајќи по налозите на Обвинителството, турските безбедносни сили спроведуваат акција на приведување во 33 града, а досега на истражните органи се предадени 33 осомничени лица.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година. Станува збор за терористичка организација која ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во САД, а чие испорачување Турција побара од САД.
Членовите на таа терористичка организација, со години, со местење на испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се така во институциите на државата. Потоа, најпрво во декември 2013 година, членовите на ФЕТО, во правосудството на Турција преку наместениот процес, поради наводна корупција се обидоа на процесуирање на голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвав обид на терористите на ФЕТО, кога на 15 јули офицерите во турската војска, лојални на таа терористичка организација, покренаа пуч.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна, а на тоа во повеќе наврати укажаа турските официјални претставници. За време на обидот за пуч во Турција загинаа 251 лице, а ранети се околу 2.200 лица.