Utku Şimşek
27 Декември 2025•Ажурирај: 28 Декември 2025
АНКАРА (АА) - Телата на загинатите во авионската несреќа во која се наоѓаше началникот на либискиот Генералштаб, генерал Мухамед Али Ал-Хадад, и воената делегација што го придружуваше, се вратени во нивната земја по комеморација што се одржа во Анкара, известува Анадолу.
Авион што ја превезуваше либиската воена делегација се урна во близина на Анкара на 23 декември. Во авионската несреќа животот го загубија петчлената воена делегација и тричлениот екипаж.
Комеморацијата за загинатите се одржа во командата на воздухопловната база Муртед во Анкара.
За време на комеморацијата на загинатите им се оддаде почит со едноминутно молчење и беа прочитани делови од Куранот, по што следеа молитви за загинатите.
По читањето на имињата на загинатите, телата на либиската делегација беа префрлени во авион и испратени во нивната земја.
На комеморацијата присуствуваа министерот за национална одбрана на Турција, Јашар Ѓулер, началникот на Генералштабот генерал Селчук Бајрактароглу, командантот на копнените сили генерал Метин Токел, командантот на поморските сили адмирал Ерџумент Татлиоглу, амбасадорот на Либија во Анкара Мустафа Елгелаиб, членови на либиската воена делегација и нивните семејства.
Членови на либиската воена делегација кои починаа во авионската несреќа:
„Началникот на Генералштабот на Либија генерал Мухамед Али Ал-Хадад, командантот на копнените сили на Либија генерал-потполковник Футури Грибел, директорот на либиските воени фабрики бригаден генерал Махмут Џума Ел Гитевиј, советникот на началникот на Генералштабот на Либија Мухамед Асави и фотографот Мухамед Омар Ахмед Махџуб.“
По испраќањето на телата на либиската воена делегација, началникот на Генералштабот на Турција, генерал Селчук Бајрактароглу замина за Либија каде ќе присуствува на воената комеморација.