Ali Kemal Akan
22 Април 2016•Ажурирај: 23 Април 2016
ПРИШТИНА (АА) - Заменикот-премиер на Турција, Нуман Куртулмуш, рече дека „Косово е европска земја која ја апсорбирала исламската култура. Како таква, Косово е најважната точка на исламската географија во западниот дел. Значи, тоа е земја каде што исламот се претставува пред Европа со своето вистинско лице на мирот. Сакаме оваа земја да биде признаена што поскоро и да следи нејзино членство во Европската Унија”, јавува Anadolu Agency (AA).
Во својот говор пред зградата на Собранието, Kуртулмуш рече дека средбите со претседателот Хашим Тачи и претседателот на Собранието Кадри Весели, биле продуктивни и поминале добро.
Меѓу другото, Куртулмуш рече дека историските и културните врски меѓу Косово и Турција се многу добри, особено во последните години.
Потсетувајќи дека во Косово живеат околу 18-20 илјади Турци, Куртулмуш рече дека „Турците се меѓу најдобро интегрираните малцинства во Косово. Овде тие не се чувствуваат како малцинство. Тие се сметат себеси како еден од најважните основни делови на земјата.”
Признавањето на Косово ќе му даде сила на исламскиот свет.
На прашањето за тоа кои се залагањата на Турција за признавањето на Косово, Куртулмуш одговори:
„Минатата недела се одржа Самитот на Организацијата за исламска соработка во Истанбул. Во својот говор, г-дин Ердоган им се обрати на сите арапски земји, а особено на оние кои сè уште не го признале Косово, барајќи од нив што побргу да го признаат.”
„За нас, Косово е како Турската Република Северен Кипар и Азербејџан. Затоа, ние го сметаме Косово како една од земјите со кои имаме духовна врска. На тој начин, ние ќе продолжиме да правиме сè што можеме за меѓународното признавање на Косово. Оттука, уште еднаш ги повикуваме исламските земји да ја признаат независноста на Косово”, рече турскиот вице-премиер.