Sorwar Alam
21 Декември 2016•Ажурирај: 22 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Генералниот директорат на Турција за печат и информации денес соопшти дека бројот на повредените цивили од источен Алепо што се лекуваат во турските болници се зголеми на 172, јавува Anadolu Agency (AA).
„Повредените, особено оние што се во критична состојба, се пренесени во болниците во јужната турска област Хатај“, се вели во соопштението на Директоратот.
Во соопштението се вели дека меѓу повредените има 68 деца и дека 22 други се отпуштени од болница.
Исто така, се додава дека 14 од повредените им подлегнале на повредите, и покрај големите напори да бидат спасени.
Минатата недела, сириските опозициски сили и режимот, со посредство на Турција и Русија постигнаа договор за прекин на огнот, за да се евакуираат цивилите од источен Алепо во безбедните области во Идлиб, кој е под контрола на опозицијата.
Вчера, турскиот министер за надворешни работи објави дека по постигнувањето на договорот, 35.700 лица се евакуирани од областа.
На повредените им е дозволено да влезат во Турција преку граничниот премин Џилвеѓозу.
Амбулантните возила и медицинските тимови се распоредени на границата со Турција и чекаат да им помогнат на повредените Сиријци.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.
Оттогаш, според ОН, повеќе од 250.000 лица се убиени, а над 10 милиони лица се раселени.