Süleyman Tunç
18 Јуни 2019•Ажурирај: 18 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Портпаролот на турската владејачка Партија за правда и развој (АК Партија), Омер Челик, изјави дека пучистите во Египет се плашат од безживотното тело на првиот демократски избран претседател на таа земја, Мухамед Морси, пренесува Anadolu Agency (AA).
Челик, во повеќе пораки на Твитер, пучистите во Египет ги нарече непријатели на најосновните човекови вредности и мрежа која немилосрдно ги убива луѓето.
Критикувајќи ги египетските власти поради одбивањето на барањето, телото на вчера починатиот Морси да го предадат на семејството, Челик изјави дека телото на чесен човек претставува споменик на храброста.
„Пучистите во рацете го имаат најнемилосрдното оружје и методи. Меѓутоа, се плашат од телото на Морси. Тоа е така. И безживотното тело на чесен човек претставува споменик на храброста. Нечесните луѓе се само мртовци кои се движат и кои носат машини на смрт во рацете“, порача Челик.
Истакнувајќи дека моралната и политичката вистина не е апстрактна, Челик наведе дека моралните луѓе и по смртта остануваат пример за луѓето и дека нивните дела живеат, а дека оние кои ги нарушуваат човековите вредности гнијат додека се живи.
„Пучистите се плашат од телото на чесниот човек кој почина во судницата. Оние кои гнијат се плашат од она што е жито“, порача Челик.
Тој, исто така остро ја критикуваше меѓународната заедница поради пасивноста кон пучистите во Египет кој ги обвини дека чекор по чекор го убивале Морси пред очите на светот.
„Се откри дволичноста на оние кои демократијата ја гледаат како интерес, а не како вредност. Сега е време да дигнат глас чесните луѓе кои се вистински демократи. Шехидот, претседателот Морси, заслужува погреб достоен на неговиот чесен живот“, порача Челик.
Потсетувајќи дека вчера во Ерусалим била извршена погребна молитва (џеназе намаз) за Морси, во отсуство, Челик најави дека тоа денеска ќе се случи и во Турција, и со присуство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.