Ahmet Kaplan,Mehmet Sıddık Kaya
13 Ноември 2019•Ажурирај: 15 Ноември 2019
ДИЈАРБАКИР (АА) - Поранешен припадник на терористичката организација ПКК, A.С.С., кој побегна од терористите и се предаде, упати писмо на поддршка на мајките кои веќе 72 дена на мирен протест во Дијарбакир, Турција, бараат да им се вратат децата однесени во терористичките кампови, јавува Агенција Анадолија (AA).
Протестите на 3 септември започнаа пред седиштето на Народната демократска партија (HDP) во Дијарбакир, а од тој ден на мајките во Дијарбакир им пристигнува поддршка од голем број градови на Турција, но и надвор од границите на земјата.
„Свесен сум за вашата болка и загриженост. Моите родители, исто така, со тоа живееја полни 10 години. Поради тоа ви испраќам најискрена поддршка со желба што поскоро да се сретнете со вашите деца“, напиша А.С.С. и продолжи:
„Плативме голема цена. Искрено се надевам дека вие нема да доживеете толкава болка и дека што побрзо ќе се сретнете со вашите деца. Не губете надеж. Вашето дете порано или подоцна ќе најде начин и ќе се врати на своите родители. Во моите молитви сте.“
Писмото го прочита мајката Ајсегул Биџер на протестот, а во таа пригода истакна дека тоа писмо, кое пристигнало од некој на кого терористичката организација му нанела голема штета, многу им значи на сите учесници на протестите.
Од протестот уште еднаш е упатена порака на сите млади кои пристапија на ПКК, да се предадат и да се вратат кај своите семејства.
Мајките од Дијарбакир ја обвинуваат партијата ХДП за киднапирање и носење на малолетните лица и младите во терористичките кампови на ПКК на југоисточниот дел на Турција. Мајките поради тоа го продолжуваат протестот кој прва го започна Февзије Четинкаја.
Февзије Четинкаја започна со протестирање на 3 септемри, велејќи дека нејзиниот син бил принудно регрутиран од ПКК. Нејзе веднаш ѝ се придружија други мајки. Оттогаш, бројот на семејства кои протестираат пред канцеларијата на ХДП се зголемува.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.
Народната демократска партија се товари за поврзаност со терористите на ПКК, а повеќе челници на партијата се обвинети за ширење терористичка пропаганда и помагање на терористите.