Abdulselam Durdak
02 Ноември 2021•Ажурирај: 03 Ноември 2021
ИСТАНБУЛ
Управата на ТОГГ на социјалните мрежи објави видеоснимка на која може да се види како прототипот на првиот турски автомобил ТОГГ тргнува на патеката на „Истанбул Парк“, на која се возат трките на Формула 1, јавува Агенција Анадолија (АА).
На видеото се споделени нови детали од процесот на производството и монтажата на турскиот автомобил, а потоа се гледа и како прототипот на ТОГГ тргнува на патеката на „Истанбул Парк“.
„Нашето паметно СУВ возило, чии дозволи на електронскиот и механички систем и процес на производство на функционални прототипи се завршени во Турција, доби одобрение. Ги испративме нашите функционални прототипи во акредитираните центри за тестирање заради проверка на безбедносните, термичките и динамичките перформанси и тест на издржливост“, наведоа од управата на ТОГГ.
На видеоснимката се гледа како инженерите на ТОГГ го подготвуваат возилото за возење од самиот почеток на производство, за на крајот да го тестираат на патеката на „Истанбул Парк“.
На снимката е објавено дека за забрзувањето на автомобилот од 0-100 км/ч изнесува 4,8 секунди, а оваа вредност е постигната додека во возилото се наоѓале четворица патници, вклучувајќи го и возачот.
Во октомври, раководството на ТОГГ објави дека се извршени сите аеродинамички и аероакустични тестови на возилото.
Првиот сериски произведен автомобил од траката би требало да излезе во последниот квартал на 2022 година. Годишниот проектиран производствен капацитет ќе изнесува 175.000 возила, за што ќе бидат ангажирани 4.300 работници.
Од друга страна, се нагласува дека прототипите на возилото произведени во работилниците на ТОГГ се испратени на тестирање во акредитирани тест центри.
До 2030 година е планирано производство на пет различни модели на турскиот електричен автомобил.