Fatma Esma Arslan,Gökhan Kavak
18 Декември 2021•Ажурирај: 19 Декември 2021
ИСТАНБУЛ
Претседателот на Демократска Република Конго, Феликс Чисекеди, кој е и актуелен лидер на Африканската унија, изјави дека Турција не се приближува кон африканскиот континент само од економски причини, туку му придава значење и на развојот на Африка, известува Агенција Анадолија (АА).
Чисекеди во своето обраќање на 3. Самит на турско-африканското партнерство, што се одржува во Истанбул, истакна дека соработката меѓу Африка и Турција е официјализирана по првиот самит одржан во Истанбул во 2008 година.
„Овие самити јасно покажуваат дека Турција не пристапува кон Африка само со трговски или економски цели, туку дека таа земја има и посебна агенда за развој на Африка“, рече Чисекеди.
Додаде дека Турција му придава значење на развојот на африканските земји, напоменувајќи дека Африка верува во стручноста на Турција, особено во областа на инфраструктурата и обновливите извори на енергија.
Осврнувајќи се на потребата од развој на зони за слободна трговија, со цел да се зголеми обемот на трговијата меѓу Африка и Турција, Чисекеди рече дека само на тој начин може да се реализира агендата на Африканската унија до 2063 година.
Агендата 2063 е нацрт и главен план за трансформација на Африка во глобална сила во иднина. Тоа е стратешка рамка на континентот, чија намера е постигнување на целта за инклузивен и одржлив развој, а претставува и конкретна манифестација на панафриканската тенденција за единство, самоопределување, слобода, напредок и колективен просперитет.
Чисекеди ја нагласи потребата од воспоставување безбедност и мир за целокупниот развој, а укажа и на важноста на соработката во борбата против тероризмот.
Претседателот на Комисијата на Африканската унија, Муса Факи Махамат, исто така рече дека турскиот приватен сектор реализира бројни одржливи инвестиции во многу африкански земји.
Истакнувајќи дека стратешкото партнерство меѓу Африка и Турција ќе даде голем придонес на целиот африкански континент, Махамат рече дека посакуваат ова партнерство да опфати бројни регионални прашања.
Тој додаде дека Турција делува во согласност со целите поставени во агендата на Африканската унија до 2063 година.
Махамат истакна дека се забележани значителни придвижувања во областите на образование, здравство, инфраструктура, туризам, транспорт, енергетика и климатски промени по 2. Самит на турско-африканското партнерство, одржан во Екваторијална Гвинеја во 2014 година.
Махамат истакна дека 3. Самит на турско-африканското партнерство дополнително го продлабочува партнерството меѓу африканскиот континент и Турција, напоменувајќи дека во поглед на билатералната соработка ќе бидат преземени дополнителни чекори во периодот што следува.
„Нашето партнерство со Турција е партнерство што не се однесува само за Африка туку и за целиот свет. Нашето партнерство е партнерство што ќе придонесе за решавање на големите глобални проблеми“, рече Махамат.
Африканската унија е континентална унија што се состои од 55 држави членки од африканскиот континент.
Се очекува дека 3. Самит на турско-африканското партнерство, што почна во четвртокот, ќе ги подигне односите меѓу Турција и африканскиот континент на уште повисоко ниво.
На Самитот што се одржува под слоганот „Унапредено партнерство за заеднички развој и просперитет“ присуствуваат над 100 министри на влади и 16 претседатели на африкански земји.