İsmet Karakaş,Tanju Özkaya
27 Октомври 2020•Ажурирај: 28 Октомври 2020
АНКАРА
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, поднесе кривична пријава против Герт Вилдерс, лидерот на Партијата на слободата во Холандија, која е од радикалната десница, поради казненото дело „навреда на претседателот", пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во кривичната пријава поднесена од адвокатот на Ердоган, Хусеин Ајдин, до Главното јавно обвинителство во Анкара, се наведува дека Вилдерс извршил кривично дело со навредливите зборови насочени кон Ердоган.
Во кривичната пријава се потсетува дека според членот 104 од Уставот на Турција, претседателот ја претставува Турција и единството на турскиот народ. Од оваа причина, и покрај тоа што кривичното дело е направено за лице, а не за функцијата претседател, кривичното дело навреда на претседателот не треба да се смета за кривично дело извршено против лице.
Во овие рамки, навредата на претседателот, според законодавецот, треба да се смета како навреда извршена против државата.
Во кривичната пријава исто така се додава:
„Обвинетиот Вилдерс, со својот напис насочен кон нашиот прв избран претседател, употреби изрази со кој ја навредуваше неговата чест и достоинство и стори кривично дело употребувајќи навредливи зборови кон неговата личност, достоинство и углед. Во овој контекст, бараме да се спроведе истрага против обвинетиот.“