Emrah Güney
21 Февруари 2017•Ажурирај: 22 Февруари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) – Во рамките на потпишаниот договор меѓу Државната железница и транспорт на Турција (ТЏДД Транспорт) и Бугарската државна железница, возот Истанбул – Софија Експрес со двајца машиновозачи, тројца кондуктери и 22 патника ја започна својата редовна линија, јавува Anadolu Agency (AA).
Првиот воз Истанбул – Софија Експрес на линијата Софија (Бугарија) – Халкали (Турција), тргна од железничка станица во Халкали, Истанбул.
Пред тргнувањето на возот, менаџерот за патни услуги во Истанбул при ТЏДД Транспорт, Вејси Алчинсу, за АА изјави дека од денес па натаму, секојдневно, во двата правца започнува сообраќањето по оваа линија.
Во врска со возот што ќе биде уптравуван од двајца машиновозачи и во кој ќе има тројца кондуктери, Алчинсу изјави: „Нашиот воз е опремен со висока технологија. Очекуваме да понуди квалитетно и убаво патување. Цела Турција и Истанбул треба да го вкусат задоволството од патувањето со овие квалитетни возови. Патот ќе трае околу 9 и пол часа“.
Четириесет и седумгодишниот Уфук Шен, кој се занимава со туризам, е еден од првите патници во овој воз. Тој рече дека патува во Бугарија за бизнис средба.
Шен за новата железничка линија разбрал од социјалните мрежи. „Најчесто нема авионски линии за таму каде што патувам. Се надевам дека ќе биде за добро. Доколку со проектот се обезбедува олеснителност при граничните премини, ќе биде уште поуспешен“, рече тој.
Возот секој ден ќе тргнува од Халкали (Турција) во 22:40 часот, а од Софија (Бугарија) во 21:00 часот.