Sayed Khodaberdi Sadat
29 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
ФАРЈАБ (АА) - Се отвори железничката линија којашто преку Туркменистан, Азербејџан, Грузија и Турција, ќе го поврзе Авганистан со Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Појде првиот воз на линијата Авганистан – Туркменистан.
На свечената церемонија по повод отворањето на железницата во северниот дел од државата, во Акина, во провинцијата Фарјаб, учествуваа претседателот на Авганистан, Ешреф Гани, претседателот на Туркменистан, Гурбангули Бердимухамедов, министри, пратеници и странски дипломати. Церемонијата започна со националните химни на двете држави.
Во својот поздравен говор, Гани рече дека Бердимухамедов пристигнал во Авганистан со голем подарок.
Тој нагласи дека железницата ќе придонесе за трговијата, дијалогот и пријателството меѓу двете држави и според него, ова пријателство ќе се зајкнува.
Според Гани, со пуштањето во погон на оваа железница ќе се намалат цените на увезуваните производи како нафтата и природниот гас.
Тој истакна дека ова е трговска соработка меѓу Туркменистан и Авганистан, а железницата ќе биде единствената линија што ги поврзува двете држави со Европа и Азија.
„Денес е историски ден, благодарни сме на Туркменистан за водењето на овој коридор, кој ќе придонесе за развивањето на нашите односи. Да живее туркменско-авганистанското пријателство“, рече Гани.
- „Железницата има меѓуконтинентално значење“
Претседателот на Туркменистан, Бердимухамедов истакна дека ќе ја продолжат поддршката, односно помошта за Авганистан, како што се училишта, болници и месџиди.
Исто така, тој посочи дека железницата има меѓу континентална значајност и дека со отворањето на железничката пруга, ќе се зголеми регионалниот транспорт, а на овој начин Азија ќе се поврзе со Европа.
Бердимухамедов ја истакна и работата на гасоводот Туркменистан – Авганистан – Пакистан – Индија и нагласи оти спроведувањето на овој проект ќе има придонес во авганистанската економија.
Според него, една од придобивките е и тоа што ќе се зголеми доставата на електрична енергија во Авганистан, а Туркменистан ќе зема мермер од Авганистан.
И покрај тоа што во Авганистан се почнати проекти за градење на железница уште во 19. век, во државата има само една железничка линија, која поминува низ Узбекистан. Авганистан извезува рачно ткаени теписи, свежо овошје и текстил.
Оваа железничка линија, која се протега по површина од 88 километри помеѓу туркменистанската станица Атамурад и авганистанската Акина, е изградена од страна на Туркменистан. Железницата ќе го спојува Авганистан со Европа преку Туркменистан, Азербејџан, Грузија и Турција.