ШАНЛИФУРА (АА) - Халил Фидан -
Сиријките кои поради војната во татковината побегнаа во Турција и таму успеаја да ја работат својата професија, сепак сонуваат за денот кога ќе се вратат во своите домови.
Жените и децата ги чувствуваат најголемите последици од војната во Сирија, која трае седум години. Многу Сиријки во надеж дека ќе го спасат семејството и себеси, одлучија да ја напуштат земјата и да го продолжат животот во Шанлифура, Турција.
Осум жени жртви на војната во Сирија, иако имаат различни животни приказни, споделуваат иста болка и надеж дека еден ден ќе се вратат во татковината. Поголемиот дел од нив загубиле некој близок, но и покрај тоа, наоѓаат начин да го продолжат својот живот.
Адвокатката Бераа ел Халил (27) е советничка за правни работи на едно здружение што се занимава со проблемите на Сиријците.
Откако пред пет години се интензивирале судирите во Сирија, младата адвокатка побегнала во Шанлифура, каде што имала роднини, што ѝ помогнало полесно да се адаптира на новата средина.
Халил е среќна што може да им помогне на сонародниците во Турција.
„Веќе некое време сум правен советник во едно здружение. Настојувам да им помогнам на Сиријците. Фала му на Бога, добро сме. Уште од дете сакав да бидам адвокатка и да се борам за човековите права, но во Сирија не остана нешто што би можело да се нарече право, а јас не можев да сторам ништо по тоа прашање“, изјави Халил.
Таа додаде дека е среќна што може да ја работи својата професија во Турција.
„Во Шанлифура има многу Сиријци и секој од нив има некој проблем. Убаво е чувството да се помогне“, изјави Халил.
Таа смета дека човековите права секојдневно се кршат во Сирија и дека особено жените и децата ги чувствуваат последиците од судирите.
„Се вршат сите облици на мачење, без оглед на тоа дали станува збор за цивили, жени или деца, и сето тоа се случува пред очите на јавноста. Ниедна земја, освен Турција, не укажува на оваа состојба. А кога нема правда, тогаш ни другите работи не се важни“, изјави Халил.
Општата лекарка Јусра Абус (50) работи во медицинскиот Центар за здравје на бегалците и смета дека станува збор за посебна професија, а среќна е што може да ја извршува работата, дури и во странство.
„Во Хасеке работев како лекарка 17 години. Судирите станааа сè поинтензивни. Пред три години, кога стана неподносливо, одлучивме да пребегнеме во Турција. Живеам со сопругот и нашите четири деца“, изјави Абус која ѝ е благодарна на турската Влада и народ за поддршката што им ја даваат.
Енсаф Луај е домаќинка која пред четири години дошла од Рака. Среќна е што нејзините деца имаат можност да продолжат со школување.
Таа изјави дека во Сирија била сведок на голем број страдања.
„Децата беа преплашени поради бомбардирањата, не бевме на безбедно. Ни се случи сѐ она што можеше да се случи. Не можевме повеќе да останеме таму. Земајќи ја предвид иднината на децата, одлучивме да дојдеме тука. Фала му на Бога, децата се сега добро и одат на училиште. Многу страдавме, но благодарение на поддршката што ни ја дава Турција, настојуваме да го заборавиме преживеаното“, изјави Луај.
Земјоделскиот инженер Сијам ел Мухамед (45), пред четири години поради нападите на терористичката организација ЈПГ/ПКК, пребегнала од Деир ез Зор во Турција.
Мухамед сè уште нема работа, но се надева дека наскоро ќе има можност да се вработи.
Во медицинскиот Центар за здравје на бегалците работи и 29-годишната педијатарка Веладе Шемес, која три години живее во Турција.
Кога ја напуштала Сирија, била загрижена дали ќе може работата за која сонувала уште од дете да ја работи во странство.
„Работата што не можев да ја извршувам во татковината, тука можам да ја работам. Со колегите заеднички можеме да им помогнеме на нашите сонародници. Се надеваме дека војната ќе заврши и ќе се вратиме во татковината“, додаде таа.
Емен ел Селеме од Хомс, студентка на Одделот за биологија на Универзитетот „Харан“, е среќна што има можност да ги продолжи своите студии.
Селеме изјави дека веќе долго живее во Турција.
„Моето семејство живее во бегалска населба и тука имаат сè што им е потребно. Јас тука прво почнав да одам на курс за турски јазик, а потоа се запишав на студии. Се надевам дека кога ќе дипломирам ќе можам да ја работам својата работа во Сирија“, изјави таа.
Бејде ел Хасан од Алепо е учителка во Центарот за образование „Саид“, а во војната изгубила повеќе членови од семејството.
Нејзините деца, исто така, во Турција ја следат наставата, а Хасан е среќна што може барем нешто да им даде на сириските деца.
Бетул ел Салих, архитектка од Деир ез Зор, иако нема проблеми во Турција, сака да се врати во Сирија.
Местото во кое живеела, сега е под контрола на терористичката организација ЈПГ/ПКК.
„Пред војната бев архитектка во Дамаск. Кога започнаа судирите, се вратив да живеам со семејството во Деир ез Зор. Ја видовме сета бруталност на војната. Пред три години дојдовме тука. Тука повремено цртам проекти, но немам постојана работа. Се надевам дека војната ќе заврши што побрзо и дека повторно ќе ја изградиме нашата земја“, изјави таа.