Orhan Yoldaş
04 Ноември 2019•Ажурирај: 05 Ноември 2019
МАЛАТЈА (АА) – Марина Карлова, сопругата на убиениот поранешен руски амбасадор во Анкара, Андреј Карлов, и претседателка на Фондацијата „Андреј Карлов“, истакна дека не знае точно кој го убил нејзиниот сопруг, но дека направено е со цел нарушување на односите меѓу Турција и Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
Карлова во својот говор на панел-дискусијата на тема „Турско-руските односи во 21 век“, што се одржа во Универзитетот „Инону“ во турскиот град Малатја, рече дека како Фондација работат на унапредување на односите меѓу Русија и Турција.
Истакнувајќи дека како Фондација работат во областа на образованието и културата, особено со учениците во Русија кои се заинтересирани за Турција, Карлова рече дека една од главните нивни цели е подобрување на соработката меѓу турските и руските универзитети.
Карлова, исто така, рече дека како Фондација планираат да организираат разни културни настани во Русија и Турција.
„Пред десетина дена реализиравме фестивал за руската култура во Анталија. На фестивалот посветивме внимание на децата со Даунов синдром. Имаме и активности за збратимување на градови од Русија и Турција. Работиме на тоа да се збратимат повеќе од 60 градови. Ние сакаме да го унапредиме братството и да го развиеме пријателството со Турција. Иницијативите на Фондацијата може да ги унапредат односите меѓу Русија и Турција“, нагласи Карлова.
Таа на панел-дискусијата одговори и на прашањата на учесниците.
На прашањето „Кого го сметате за одговорен за убиството на вашиот сопруг?“, Карлова истакна: „Не знам кој го уби мојот сопруг. Но, едно е сигурно, тоа го направија тие што сакаа да ги нарушат односите меѓу Турција и Русија. Затоа што еден ден потоа министрите за надворешни работи на двете земји имаа состанок, во врска со процесот „Астана“. Развојот на руско-турските односи може да ја олесни мојата болка.“
Наки Карааслан, претседател на Управниот одбор на Руско-турската бизнис-асоцијација и претседател на Управниот одбор на Фондацијата „Андреј Карлов“, рече дека најважната соработка меѓу Турција и Русија е во областа на енергетиката.
Истакнувајќи дека соработката меѓу двете земји треба да се унапредува, Карааслан рече: „Никој не може да ги развие односите меѓу Русија и Турција, тоа треба ние да го направиме. Тоа треба да го направат Унијата за комори и берзи на Турција, Советот за надворешен економски бизнис, Собранието на извозници на Турција, Здружението на турските индустријалци и бизнисмени (ТУСИАД) и Асоцијацијата на независни индустријалци и бизнисмени (МУСИАД).“
Владимир Солотсинкиј, генерален секретар на Руско-турската бизнис-асоцијација, истакна дека многу долго живеел во Турција и многу добро ја познава земјата.
Ректорот на Универзитетот „Инону“, д-р Ахмет Казилај, истакна дека комуницираат за академска соработка со 4 руски универзитети и дека ќе организираат обука за трансплантација на црн дроб за доктори од разни универзитети во Русија.