Havva Kara Aydın
22 Септември 2020•Ажурирај: 22 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Челниците на Турција, Германија и Европската Унија денес одржаа видео состанок во чиј фокус беа тензиите во Источниот Медитеран, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Tрилатералниот состанок се одржа помеѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, германската канцеларка Ангела Меркел и Шарлс Мишел, челникот на Европскиот совет, соопшти Одделот за комуникации при турското Претседателство.
Нагласувајќи ја својата благодарност за напорите за посредување на Берлин, Ердоган ја истакна важноста од одржување на регионална конференција за Источниот Медитеран со учество на сите страни, вклучително и кипарските Турци.
„Чекорот на Грција ќе биде важен за тоа како тече договорот за ревитализација на каналите за дијалог“, рече Ердоган.
На средбата е потенцирано и дека Турција и Грција се подготвени да започнат со прелиминарни разговори.
На состанокот на високо ниво учествуваа и министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, министерот за национална одбрана, Хулуси Акар, шефот на Националната разузнавачка служба (МИТ) Хакан Фидан, директорот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, портпаролот на претседателот Ердоган, Ибрахим Калин, и шефот на Кабинетот Хасан Доган.
Грција го оспорува истражувањето на енергетските ресурси од страна на Турција во Источниот Медитеран, правејќи обиди да ја ограничи турската поморска територија врз база на малите грчки острови во близина на турскиот брег.
Турција, земја со најдолго крајбрежје на Медитеранот, испрати наменски бродови за истражување на енергетските ресурси во својот континентален појас, нагласувајќи дека и Турција и Турската Република Северен Кипар (ТРСК) имаат права во тој регион.
Со цел да се намалат тензиите, Турција повика на дијалог за да се обезбеди праведна поделба на ресурсите.
ЕУ исто така повика на преговори меѓу страните. Лидерите на ЕУ ќе разговараат за тензиите, како и за односите на Блокот со Турција за време на нивниот вонреден самит во Брисел.