Enes Kaplan
11 Февруари 2020•Ажурирај: 12 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Во Анкара вчера беше одржан состанок со кој претседаваше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а на кој беше разговарано за чекорите што треба да се преземат против нападите на режимските сили на сирискиот претседател, Башар ал Асад, врз турските војници што се испратени како зајакнување во сириски Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одлучено е дека крвта на загинатите херои не може да биде залудно пролиена и дека треба да се одговори на нападот.
На состанокот е наведено дека ниту еден напад не може да влијае на одлучноста на Турција да ги спречи судирите во Идлиб, да осигури безбедност на границите и да спречи нов бран миграции и хуманитарна драма. На состанокот, меѓу останатите, присуствуваа потпретседателот на Турција, Фуат Октај, министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, министерот за одбрана, Хулуси Акар, началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Турција, генерал Јашар Ѓулер, и шефот на Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на турскиот претседател, Фахретин Алтун.
Во артилерискиот напад на режимските сили во Идлиб, пет турски војници ги положија животите, а петмина се ранети, потврдено е од Министерството за одбрана на Турција.
Во соопштението на Министерството е истакнато дека режимските сили интензивно извршуваат артилериски напади врз силите што во регионот се пратени за да ги спречат судирите во Идлиб, да ги обезбедат границите и да ги спречат понатамошните миграции и хуманитарната драма.