Nurten Aslan,Mehmet Şah Yılmaz,Aziz Aslan
13 Септември 2019•Ажурирај: 15 Септември 2019
ДИЈАРКБАКИР (АА) - Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, денеска ги посети и им пружи поддршка на семејствата на мирниот протест пред седиштето на Народната демократска партија (HDP) во Дијарбакир, на кои мајките бараат да им се вратат децата кои се однесени во терористички кампови, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестите започнаа на 3 септември, а пред седиштето на ХДП моментално има повеќе од 20 семејства.
Министерот Сојлу, заедно со гувернерот на Дијарбакир, Хасан Басри Ѓузелоглу, претставничката на Партијата за правда и развој во турскиот Парламент, Оја Еронат, и шефот на полицијата на Дијарбакир, Таџетин Арслан, ги посети семејствата на протестот.
„Она што вие го правите тука е многу значајно. Претседателот Ердоган ве поздравува и ние сме со вас, ја имате нашата поддршка“, изјави Сојлу.
Мајките кои трагаат по своите деца во солзи порачаа дека нема да се тргнат од тоа место сѐ додека не ги пронајдат своите деца, на што Сојлу рече:
„Целиот наш народ е со вас. Вие сте мајки, не само на своето, туку на секое дете во оваа земја. Вашите зборови се слушнаа во цела Турција, затоа и целата земја е со вас.“
Ердоган во неделата ги поддржа мајките и семејствата кои протестираат пред седиштето на ХДП во Дијарбакир.
„Ние сме покрај мајките. Државата прави сѐ што може. Терористите бегаат, а ние ги прогонуваме. Порано или подоцна, сите ќе одговараат“, порача Ердоган.
Паралелно со тоа, познатиот турски актер Ахмед Јенилмез ги посети мајките кои протестираат пред зградата на ХДП и во знак на поддршка им подели црвени рози.
Голем број турски уметници на социјалните мрежи упатија пораки за поддршка на мајките во Дијарбакир.
На социјалните мрежи е покрената и кампања за поддршка на мајките од Дијарбакир.
Мајките ја обвинуваат партијата ХДП за врбување и носење на малолетници и млади лица во терористичките кампови на ПКК во југоисточниот дел на Турција. Поради тоа, мајките го продолжуваат протестот кој го започна Февзије Четинкаја.
Мајката Четинкаја на 3 септември започна мирен протест пред зградата на ХДП, а со неа тогаш беа и сопругот Шахап и нивните четири деца. Подоцна Омер Т. и Ремзије А., исто така дојдоа пред седиштето на ХДП и го поддржаа протестот на Четинкаја и нејзиното семејство, тврдејќи дека терористичката организација ПКК ги киднапирала и нивните деца.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.