ИЗМИР (АА) - Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, денес изјави дека Турција, како дел од нејзината политика за враќање на странските припадници на ДЕАШ во нивните матични земји, на почетокот од декември ќе врати 11 француски државјани, припадници на ДЕАШ, назад во Франција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за внатрешни работи ја даде оваа изјава на Конференцијата за миграции во егејската област Измир.
Неколку европски земји се спротивставија на напорите на Турција за враќање на терористите на ДЕАШ, но Турција вети дека ќе продолжи со тоа.
Во однос на протокот на нерегуларните мигранти во Турција Сојлу истакна:
„Досега во својата земја се вратија 370.000 Сиријци. Можеби за некого оваа бројка не е доволна, но важно е дека овој тренд на некој начин доби своја форма. Од друга страна, се наоѓаме под сериозен притисок од нерегуларните мигранти, и таквата состојба постојано се зголемува. Во 2016 беа 175 илјади, во 2017, 176 илјади; во 2018 година 268 илјади. Дали знаете колку изнесува таа бројка во моментов? Минатиот петок изнесуваше 405 илјади, а денес е меѓу 420 и 430 илјади.“
Сојлу изјави дека 268.000 илегални мигранти биле задржани во Турција во 2018 година, а досега оваа година биле задржани околу 430.000.
Турција ја прогласи ДЕАШ за терористичка организација во 2013 година, а ДЕАШ во земјата изведе повеќе терористички напади, вклучувајќи 10 самоубиствени, седум бомбашки напади и четири вооружени напади во кои загинаа 315 луѓе, вклучувајќи полицајци и војници, а беа повредени стотици луѓе.
Како одговор на нападите, Турција започна антитерористички операции во земјата и во странство, во кои неутрализира 3.500 терористи на ДЕАШ, а уапси 5.500 нејзини припадници.