Deniz Açık
09 Септември 2018•Ажурирај: 10 Септември 2018
ЕСКИШЕХИР (АА) - ДЕНИЗ АЧИК -
Пионерите на акробатското воздухопловство во Турија, Али Исмет Озтурк и Семин Озтурк Шенер извршија фантастична претстава над Ескишехир, а доживувањето дополнително привлече внимание бидејќи се работи за татко и неговата ќерка, пишува Anadolu Agency (AA).
Озтурк е прв професионален акробатски пилот во Турција, а по неговите стапки тргна и ќерка му Шенер која стана единствена жена која професионално се занимава со таа дисциплина на летање.

Тие двајца заедничката парада ја извршија во Ескишехир во кој се наоѓа и Меѓународниот центар за акробатско воздухопловство.
Озтурк за АА изјави дека било посебно доживување да се усогласуаваат тешките маневри со сопствената ќерка зад кормилото на партнерскиот авион.

„Во овој случај се испостави дека ученикот го надминал учителот. Семин вложи многу труд и одрекувања и не беше во прашање дали ќе ме надмине. Прашањето беше само кога тоа ќе го постигне“, изјави Озтурк.
Нагласувајќи дека не е лесно воедно да се биде татко и учител, Озтурк изјави дека клучот на нивниот успех бил во рацете на храбрата Семин која на вежбите се однесувала како регрут, а не како разгалена ќерка.

„По многу часови поминати во иста кабина, Семин стана пилот на авионот „Pitts S2-B“, а јас го презедов леталото „Mor Menekse“. Таа е лидер за време на парадата, а јас ја следам. Тоа беше неверојатна ерупција на емоции“, изјави Озтурк.
Тој додаде дека е горд на успесите кои Семин ги постигнува на домашната и меѓународната сцена и што претставува симбол на храброст на турските жени.

Шенер, единствената жена професионалец во акробатското воздухопловство во Турција, за АА изјави дека со татко ѝ има изградено одлични паралелни односи, прво како родител и ќерка, а потоа и како учител и ученик.
„Неопислива е среќата кога на небото покрај себе го гледам татко ми кој трпеливо чека и го следи секој мој маневар“, изјави Шенер, и додаде дека е многу важно тоа што остатокот од семејството ги поддржува во работата која ја работат.

За најзначаен свој лет Шенер го смета учеството на меѓународната смотра која во јули оваа година е одржана во Романија, а на која настапи и како единствена жена и како најмлад учесник.
Таткото и ќерката Озтурк на средината на овој месец во Ескишехир повторно ќе летаат заедно на меѓународната смотра на која ќе се соберат 50 акробатски пилоти од најмалку седум земји.