Halis Akyıldız
25 Октомври 2018•Ажурирај: 26 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Тинејџерката Ахед ал Тамими, која стана еден од симболите на палестинскиот отпор, изјави дека ќе дојде ден кога Палестина ќе биде слободна, јавува Anadolu Agency (AA).
Тамими допатува во Истанбул за да присуствува на третото заседание на Форумот на млади на Исламската конференција за дијалог и соработка, и во оваа пригода изјави дека на симпозиумот присуствувала за да ја пренесе пораката на палестинскиот народ.
Палестинката зборуваше и за она што се случува во израелските затвори.
„Едни се подложени на физичко мачење, а други и на психичко и на физичко. Управата на затворот ги намалува оброците и врши притисок на затворениците, а затворот сам по себе е мал простор меѓу четири ѕида во кој на човекот му е одземена слободата“, изјави Тамими.
Таа се осврна и на методите кои се користат за време на испитувањето.
„Многумина умираат поради лошото однесување кон нив за време на испитувањето“, изјави Тамими.
Таа потсети дека Турција дава поддршка на Палестина и на нејзиниот народ.
Истакна дека сака окупацијата на Палестина да биде завршена, а народот обединет.
„Нема земја која е под окупација и која не е слободна. Ќе дојде и нашиот ден на слобода“, уверена е Палестинката.
Израелските војници ја приведоа Ахед Тамими на 19 декември 2017 година при упад во семејната куќа во Рамала. Нејзината мајка следниот ден отиде до притворот во Рамала за да добие информација за својата ќерка, а потоа и таа беше приведена.
Ахед, која на снимките се гледа како ги удира израелските војници кои насилно влегуваат во дворот на куќата, обвинета е за напад. На снимката, покрај Ахед е и нејзината роднина Нур Тамими, која, исто така е приведена и одведена во израелскиот воен затвор.
На Ахед во 2012 година во Истанбул ѝ беше врачена наградата за храброст „Hanzala“, поради спротиставувањето на израелските војници кои го приведуваа нејзиниот брат.
Нејзиниот случај привлече големо меѓународно внимание, а организацијата „Амнести интернашнал“ (Amnesty International) Ал Тамими ја нарече „Палестинска Роза Паркс“, афро-американска активистка за човекови права и кројачка, која американскиот Конгрес ја прогласи за мајка на модерното Движење за човекови права.
Ахед е ослободена на 29 јули 2018 година.