Fecri Barlık
15 Август 2019•Ажурирај: 17 Август 2019
СИРТ (АА) - ФЕЏРИ БАРЛИК -
Сеќавањето на ноќта на 15 кон 16 август 1984 година и првите оружени напади кои припадниците на терористичката организација ПКК ги изведоа во Ерух, Сирт и Шемдинли, во турската област Хакќари, не бледнеат ни по 35 години.
Во нападот во Ерух загина припадникот на силите за безбедност, Сулејман Ајдин, а девет војници и тројца цивили беа ранети.
Локалниот претставник Муртаза Дајанч за Anadolu Agency (AA) изјави дека првиот напад на терористите им нанел голема болка на државата и на народот.
Тој додаде дека терористичките напади предизвикале големи загуби. Потсети дека многу луѓе загинале, ги изгубиле своите сакани, но и дека биле принудени да избегаат.
„Многу претрпевме. Подрачјето доживеа и социоекономско назадување“, рече Дајанч.
Додаде дека терористичката организација денес е речиси поразена и дека за тоа значително придонел одлучниот став на властите, лојалната борба на припадниците на безбедносните сили, како и однесувањето на граѓаните кон терористите.
„Верувам дека Ерух ќе биде место каде што тероризмот ќе биде во целост поразен и каде што ниту името нема да му се споменува“, рече Дајанч.
Градоначалникот на општината, Џевхер Чифтчи, бил 17-годишник кога се случил терористичкиот напад. Додаде дека мештаните се сеќаваат на таа ноќ како да била вчера.
„Таа ноќ одеднаш почнаа да одекнуваат пукотници. Првин незнаевме што се случува. Кога таа ноќ терористите испраќаа пораки преку звучникот на џамијата, знаевме дека станува збор за терористички напад. Пред тоа водевме мирен живот“, рече Чифтчи.
Додаде дека решителната борба на властите против терористите е причината поради која населението има надеж дека тероризмот ќе биде победен.
„Не сакаме тоа повторно да го проживуваме. Ќе направиме сѐ што можеме и понатаму да живееме во мир. Ерух сака да биде споменуван по инвистициите. Верувам дека инвеститорите во наредниот период ќе бидат свртени кон Ерух, бидејќи и овде постојат низа привлечни пазари, почнувајќи од земјоделството“, рече Чифтчи.
На таа крвава ноќ се сеќава и Омер Инан кој бил младо момче кога се случил нападот.
Додава дека на почетокот не знаел за што станува збор.
„Никогаш повеќе да не се повтори. Овој народ претпре многу. Ерух не е онаков каков што го сметаат другите“, рече Инан.
Слично мислење има и Мехмет Ата Јилдирим кој рече дека не можат да го заборават првиот напад со кој започнале масакрите што ги изведувале припадниците на терористичката организација.
Јилдирим рече дека мештаните сакаат нивното место повеќе да не се споменува по тероризмот.
„Се надевам дека повеќе нема да се случи ништо слично. Ерух сега е едно мирно место. Ги повикуваме сите да дојдат и да се уверат дека Ерух е мирно и спокојно место, а мештаните се добри домаќини“, рече Јилдирим.