Yıldız Aktaş
23 Април 2016•Ажурирај: 25 Април 2016
АНКАРА (AA) - Неопходно е расправата за настаните од 1915 година да се темели првенствено на документите и да се води од научен аспект, изјави Рефик Туран, претседателот од Одделот за национална историја кој делува при Владата на Република Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Туран во разговор за АА се осврна на различните интерпретации на настаните од 1915 година, кажувајќи дека се работи за една повеќедимензионална тема која во себе содржи два фактори, наука и пропаганда.
Ерменија води голем број пропагандни активности кога се во прашање настаните од 1915 година, рече Туран и нагласи дека исклучително е важно да се преземат неопходните мерки против таквите активности.
Рече дека на оваа тема покрај Турција и Ерменија, вклучена е и ерменската дијаспора, САД, Русија, Франција, како и разузнавачките служби на овие земји.
„Во врска со настаните од 1915 година имаме многу цврсти извори, кои сè уште не ги објавивме во јавноста. Работиме на тој проект кој наскоро ќе го поделиме со јавноста, а се работи за збирка од најмалку 20 томови", рече Туран.
Во врска со изјавата на американскиот претседател Барак Обама, кој во петокот, по повод годишнината на настаните од 1915 година ги нарече "Meds Yeghern" на ерменски, што значи „голема катастрофа“, Туран рече: „Тврдењата на Ерменија не се точни, тие се неправедни. Добро е што Обама за настаните од 1915 година рече дека се „голема катастрофа“ а не геноцид, но тоа за нас е само една политичка изјава. Сметаме дека е неопходно расправата за настаните од 1915 година да се темели на документи и да се води од научен аспект. Политиката по ова прашање треба да ја користи науката и оваа тема да ја држи подалеку од неправедни расправи".
- Што се случи во 1915 година?
Кога Османлиското Царство 1914 година, во Првата светска војна влезе на различна страна со Русија, ерменските националисти ја искористија можноста и почнаа да соработуваат со руските сили со цел основање независна држава Ерменија.
Откако ја окупираше источна Анадолија, руската војска наиде на голема поддршка на османлиските и руските Ерменци, доброволци. И некои од Ерменците во османската војска преминаа во редовите на руската војска. Единиците основани од Ерменците ги уништија логистичките канали на војската и со тоа го успорија напредувањето на Османлиската војска, додека ерменските чети го започнаа масакрот и прогонот на цивилите од подрачјето кое го окупираа.
Османлиската влада настојуваше да ги спречи тие случувања обидувајќи се да ги убеди претставниците на Ерменците и влијателните личности, меѓутоа, во тоа не успеа. По засилените напади на ерменските групи Владата на 24-ти април 1915 година донесе одлука за затворање на ерменските комитети, апсење и гонење на одредени истакнати Ерменци. Подоцна, тој датум ќе биде избран за одржување на манифестацијата во знак на сеќавање на случувањата од 1915 година.
И покрај преземените мерки, нападите беа продолжени, на 27-ми мај 1915 година е донесена одлука за преместување на ерменското население од воените подрачја и оние кои соработуваат со руската окупаторска војска.
Иако османлиската влада направи планови во врска со хуманитарните потреби на мигрантите, поради воените услови, внатрешните судири, локалните групи желни за освета, разбојништво, глад и епидемија животот го загубија голем број Ерменци.
Историските документи покажуваат дека Владата немала цел да се случат трагичните настани, како и дека се казнети кривичните дела направени против Ерменците. Обвинетите и осудените за мешање во човечката трагедија се погубени уште пред завршувањето на војната.
Општо очекување на Ерменија и ерменската дијаспора е Турција да ја признае депортацијата од 1915 година како геноцид и да плати оштета.
Дефиницијата „геноцид“ во Конвенцијата за спречување и казнување на геноцидот од 1948 година опишана е како чин на делумно или потполно уништување на една национална, расна, етничка или верска група.
Турција истакнува дека спомнатите случувања не можат да се дефинираат како геноцид и настаните од 1915 година ги окаректиризира како „трагедија“ за двете страни. Турција нагласува дека ова прашање треба да се реши од перспектива на „праведно помнење“ кое ќе го означи заклучокот на меѓусебното разбирање за она што се случило и взаемно почитување на помнењето.
Освен архивите на двете страни, Турција предлага настаните од 1915 година да се истражат и во архивите на трети земји, како и да се основа заедничка Комисија на историчари која ќе се состои од турски, ерменски и други меѓународни историчари.
Најважен настан за нормализација на односите помеѓу овие две земји се случи во октомври 2009 година. Страните во швајцарскиот град Цирих потпишаа два одвоени протоколи за повторно воспоставување на дипломатски односи и развивање на билатерални односи.
Протоколите предвидуваа воспоставување на взаемна доверба и непристрасни научни истражувања на историските извори и архивите, потоа меѓусебно признавање на границите и отворање на заеднички граници.
Турската влада директно го испрати протоколот во Големото народно собрание на ратификација. Ерменската влада, пак, го испрати текстот на разгледување во Уставниот суд. Судот пресуди дека протоколите не се во склад со словото и духот на Уставот на земјата. Ерменската влада во јануари 2010 година соопшти дека го замрзна тој процес на одобрување на протоколот. Пет години потоа, минатиов февруари ерменската влада потполно се повлече.