Ekipa
10 Февруари 2021•Ажурирај: 11 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Турската Фондација „Дијанет“ пружа можност за образование на сириските деца кои со семејствата спас од војната и насилството пронајдоа на безбедните подрачја на Идлиб и Азаз, пренесува Агенција Анадолија (АА).
За време на воените случувања, сириските деца беа принудени да ги напуштат своите домови и училишта. „Дијанет“ со проектите опфаќа околу 8.000 сириски деца, од основно до средно училиште, на кои им пружа можност за продолжување на образованието кое им беше ускратено.
Се работи за деца на подрачјето на Идлиб и Азаз.
Потпретседателот на Управниот одбор на Фондацијата „Дијанет“, Ихсан Аџик, изјави дека оваа фондација е тука за сите луѓе во светот на кои им е потребна помош.
„Задоволувајќи ги потребите на жртвите за храна, огрев, облека и засолништа, работиме и на проекти од областа на образованието. Пружаме можност за образование на околу 8.000 учесници од вкупно 12 образовни проекти, вклучувајќи градинка, осум основни училишта, две средни и универзитетски лаборатории во регионите Идлиб и Азаз во Сирија“, појасни Аџик.
Како што изјави тој, во нивните образовни институции се вработени вкупно 243 наставници и административен персонал, а нивните плати Фондацијата ги покрива во потполност.
„Меѓу нашите деца ги има и оние кои не започнале со образование или останале на половина. Настојуваме да ги подготвиме за живот, пружајќи им образование на најдобар можен начин“, изјави Аџик.