Ertuğrul Subaşı
10 Февруари 2021•Ажурирај: 11 Февруари 2021
АНКАРА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека сите политички партии треба конструктивно да учествуваат во изградбата на новиот Устав на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Верувам дека нашиот нов Устав, кој ќе ја одразува силата на националната волја, ќе ги круниса целите кои ги поставивме за 100-годишнината на нашата Република“, изјави Ердоган во обраќањето на членовите на Клубот на парламентарните пратеници на владејачката турска Партија на правда и развој (АК Партија).
Турција во 2023 година ќе ја прослави 100-годишнината од основањето на Републиката, а Ердоган изјави дека тој јубилеј Турција ќе треба да го дочека со новиот граѓански Устав, не со оној кој произлегол од државниот удар.
Потсетувајќи дека раководството на Партијата за национално движење (MHP) позитивно го оценило предлогот за изработка на новиот Устав, Ердоган изјави дека Турција првпат во историјата има шанса да го подготви и во вистински слободни услови на народот да му го понуди граѓанскиот Устав.
„Поприлично се соодветни условите за разговори и подготовки за новиот Устав. Заговараме учество на сите политички партии во тој процес и искрено ќе работиме на тоа“, порача Ердоган.
Нагласувајќи дека нема потреба за брзање во изработката на текстот на новиот Устав, кој ќе ги покрива потребите на Турција за наредниот век, Ердоган повика сите да се вклучат во дискусии и консултации во тој процес.
- Порака до Мицотакис: „Не ме предизвикувај“ -
Турскиот претседател Ердоган упати пораката до грчкиот премиер Киријакос Мицотакис дека би требало да престане со провокации.
„Не ме предизвикувај, знај ги своите граници. Ако не ги знаеш, тогаш ти бегаш од масата. Се потпираш на некои планини, а тие се покриени со снег и немаш никаква корист од нив. Ние секогаш сме во состојба да сториме сѐ што е потребно и да одиме до крај во тоа, затоа добро ќе ги запознаеш разлутените Турци“, порача Ердоган.
Турскиот претседател ја искоментира и ситуацијата на Кипар и порача дека светот треба да знае дека Турција веќе нема да дозволи кипарските Турци да бидат жртви на нерешавање на кризата која на тој остров трае половина век.
- Единствено можно решение на Кипар -
„Се гледа што направивте на Кипар. На што се потпирате, наводно требало да ви дојде помош, зарем на тоа се потпирате? Ако е така, вие сте во заблуда. Нека дојде што сака и од каде сака, знајте дека Турција е цврсто на нозе, дека цврсто стои на земја и дека знае што и кога треба да го стори она што е неопходно“, порача Ердоган.
Истакнувајќи дека грчката страна веќе половина век ја омаловажува турската заедница на Кипар и предизвикува безизлезност од кризата на тој остров, Ердоган изјави дека нема смисла повторно да зборува за старите формули за решение, туку дека е неопходно на кипарското прашање да се пристапи на начин соодветен на новата ера и со фокус на решение.
„Од последните изјави од грчката страна јасно гледаме дека не дошло ни до најмали промени во нејзиниот став на омаловажување на кипарските Турци. Решение врз основа на воспоставување две држави остана единствено возможно на Кипар. Без разлика дали тоа ќе го прифатите или не. Нема повеќе приказни за неадекватна федерација, пуштете го тоа веќе“, порача Ердоган.