Rabia İclal Turan
26 Септември 2024•Ажурирај: 27 Септември 2024
ЊУЈОРК (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес го критикуваше Западот поради молкот пред израелската војна во Појасот Газа, во која се убиени повеќе од 41.400 Палестинци, главно жени и деца, од 7 октомври, јавува Анадолу.
„За жал, многу западни земји молчат пред Израел и никогаш не зазеле став против Израел“, изјави Ердоган за американскиот NBC News.
„Меѓу сојузниците на НАТО, за жал, има многу земји кои се на страната на Израел. Во моментов ние сме во Соединетите Американски Држави, а САД се всушност една од нив“, истакна Ердоган,
Ердоган рече дека американскиот претседател Џо Бајден го критикува Израел од една страна, но на Израел му дава оружје, муниција и испрати носач на авиони во Средоземното Море како поддршка на Тел Авив.
Запрашан за претседателските избори во САД на кои потпретседателката Камала Харис и поранешниот американски претседател Доналд Трамп се борат за Белата куќа, Ердоган рече дека соработката меѓу Туркије и САД ќе продолжи без оглед на резултатот.
„Како лидери кои управуваат со државите, нациите и народите, не е можно да размислуваме поинаку. На глобално ниво, позициите на САД и Русија се јасни. Ќе продолжиме да одржуваме блиски односи со сите администрации“, рече Ердоган.
За односите меѓу Туркије и Русија и одлуката на Анкара да учествува на состанокот на БРИКС во октомври во Русија, Ердоган рече:
„Нашите односи со Русија се повеќедимензионални. Имаме политички, економски, културни и конекции во одбранбена индустрија“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека не го смета Хамас за терористичка организација, туку за група на отпорот што ја брани својата територија.
„Од 1947 година до денес, Палестина дојде до денешниот ден со губење на своите територии повторно и повторно“, рече Ердоган
На прашањето на водителот Кир Симонс дека „има такви кои ве критикуваат вас, Туркије, за обезбедување дом за Хамас, за кои САД велат дека се терористи, а вие велите дека се противите на тероризмот“, Ердоган одговори: „Ние секако сме против терористите“.
„Но, јас сум еден од лидерите кои добро го познаваат Хамас. Никогаш не сум го нарекол Хамас терористичка организација и не го гледам Хамас како терористичка организација.“
„Бидејќи Хамас е група на отпорот која се труди да ја заштити својата територија. Затоа, како можам да ја наречам таквата група на отпорот терористичка организација?“, рече Ердоган.
Одговарајќи на прашањето за нападите на Хамас во Израел на 7 октомври, турскиот претседател рече дека треба да се испита заднината на инцидентот.
„Треба да ги знаеме причините што ги подготвија условите за 7 октомври. Треба добро да ги разбереме. И кога ќе ја испитаме заднината на тоа колку Палестинци загинаа, колку Палестинци беа убиени, ситуацијата достигнува многу, многу различни нивоа“, додаде тој.
Туркије силно го поддржува дводржавното решение за израелско-палестинскиот конфликт, вклучително и формирање на независна и суверена палестинска држава врз основа на границите од 1967 година, со Источен Кудс (Источен Ерусалим) како главен град.
„Америка, на прво место, не сака Украина да влезе во НАТО“
За време на интервјуто, на прашањето за ставот на Анкара за кандидатурата за членство на Украина во НАТО, Ердоган рече дека Туркије ќе ги разгледа ставовите на сите земји од НАТО по ова прашање.
„Америка, на прво место, не сака Украина да влезе во НАТО. Многу земји на НАТО не сакаат Украина да се приклучи на НАТО. Треба да ги признаеме овие факти и да ја донесеме нашата одлука“, рече турскиот претседател.
Ердоган истакна дека прашањето за членството на Украина во НАТО бара темелно разгледување, истакнувајќи: „Кога ги гледаме овие факти, тоа не се прашања на кои треба да се пристапи со возбуда“.
„Кога ги донесуваме нашите одлуки за овие прашања, секако, го ставаме ставот на сите НАТО-членки на маса и ги донесуваме нашите одлуки соодветно“, рече тој, додавајќи дека конечната одлука на Туркије ќе дојде откако ќе ги разгледа ставовите на другите земји членки.
„Овие одлуки не се носат набрзина“, рече турскиот претседател.