Handan Kazancı
19 Мај 2020•Ажурирај: 19 Мај 2020
ИСТАНБУЛ
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес го одбележа Денот на сеќавање на Ататурк и Денот на младината и спортот, потсетувајќи на основачот на Турција, Мустафа Кемал Ататурк, и на хероите од Војната за независност, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Им го честитам 19 Мај, Комеморацијата на Ататурк, Денот на младината и спортот на нашата младина и на народот, и им оддавам почит на сите херои, пред сè и најмногу на Мустафа Кемал Ататурк, за нашата Војна за независност“, напиша Ердоган на Твитер.
Ердоган паралелно со твитот сподели и фотографија на Ататурк и граѓани со турското знаме во позадина.
Во одделна изјава вчера, Ердоган порача: „19 Мај, почетокот на нашиот марш кон независна и просперитетна иднина, беше денот кога нашиот почитуван народ му соопшти на целиот свет дека ниту ќе ја напушти својата слобода, ниту пак ќе оди под нечие туторство, под какви било околности, и дека безусловно ќе ја заштитува својата слободна волја.“
19 Мај е пресвртна точка во турската историја, денот кога Мустафа Кемал пристигна во турскиот град на Црното Море, Самсун, од Истанбул во 1919 година, да ја започне војната што ја претвори нацијата во модерна Турција четири години подоцна.
Ататурк им го посвети 19 Мај на младите од турската нација како Ден на младоста и спортот - национален празник на кој младите организираат спортски и културни активности низ целата земја.
Оваа година, поради пандемијата, 19 Мај во Турција се одбележува со виртуелни настани.
Вчера, Ердоган рече дека стадионите низ цела Турција ќе бидат осветлени во 19:19 часот по локално време и ќе биде емитувана турската национална химна, со цел одбележување на овој ден, и ги повика турските граѓани да ја пејат националната химна од нивните балкони или прозорци.