Gökhan Ergöçün
11 Септември 2026•Ажурирано: 11 Септември 2026
Турското домашно развиено беспилотно борбено летало АКИНЏИ успешно погоди цел оддалечена повеќе од 250 километри користејќи ја суперсоничната балистичка ракета ИХА-300, јавува Анадолу.
Леталото полета од Центарот за тренинг-летови и тестирање во Чорлу, во турската област Текирдаг и се упати кон зоната за тестирање над Црното Море.
За време на тестирањето спроведено во близина на брегот на црноморската област Синоп, поморската цел беше директно погодена со муницијата ИХА-300, лансирана од АКИНЏИ.
По успешното завршување на тестирањето за гаѓање денес, леталото се врати во Чорлу по планираната рута.
Ракетата ИХА-300, развиена од турскиот производител на ракети РОКЕТСАН, ги подобрува капацитетите на АКИНЏИ за напади со голем дострел и висока разорна моќ, надоврзувајќи се на претходната интеграција на суперсоничните ракети ИХА-122 и ИХА-230.
АКИНЏИ е дизајниран, развиен и произведен од турската одбранбена компанија „Бајкар“.
На ова беспилотно борбено летало успешно е интегриран широк спектар на домашна муниција, вклучувајќи ги МАМ-Л, МАМ-Т, ТОЛУН, ТЕБЕР-81, крстосувачката ракета ЧАКИР и брзата повеќенаменска талкачка муниција ЕРЕН.
Финансирајќи ги сите свои проекти со сопствени средства, компанијата „Бајкар“ остана најголемиот светски извозник во сегментот на беспилотни летала во 2025 година.
„Бајкар“ постави нов рекорд со обем на извоз од 2,2 милијарди долари во 2025 година.
Остварувајќи 90 % од своите приходи од извоз во последните години, „Бајкар“ има потпишано договори за извоз со 39 земји, вклучувајќи 36 договори за „Бајрактар ТБ2“ и 16 за АКИНЏИ.