Ekipa
23 Мај 2017•Ажурирај: 24 Мај 2017
ДЕНИЗЛИ (AA) – Халиме Кавчакар (86) од Денизли, во Турција, која на социјалните мрежи стана популарна по минатогодишниот параглајдинг во Мугла, изрази желба да го повтори тоа искуство, јавува Anadolu Agency (AA).
Кавчакар минатата година во Фетхије изведе тандем скок со параглајдерист, нејзиниот внук Ѓунајем Тутгун.
Иако живее мирен живот, се занимава со изработка на чаршафи за маси и со градинарство, поканата на внукот ѝ овозможи на баба Халиме да доживее авантура што бара голема храброст дури и од луѓето многу помлади од неа.
Таа вели дека минатата година, додека шетала по брегот на морето ги видела параглајдерите и на внукот кој се занимава со параглајдерство му рекла дека би сакала да се обиде во летање со параглајдер.
Баба Халиме вели дека внукот првин не се согласил со тоа, но го убедила со тоа што решително покажала дека не се плаши.
„Сакав сама да скокнам. Сега да може, пак би одела, пак ги скокнала", вели баба Халиме, која секому го препорачува параглајдерството бидејќи глетката е преубава, а како што вели, и нема од што да се плашат луѓето.
Оваа авантура им ја препорача и на своите врсници.
Снимката на скокот објавен пред околу две недели има неколку стотици илјади прегледи на социјалните мрежи, а нејзиниот внук Ѓунај Тутгун пред неколку дена за АА рече дека таа е многу добар параглајдерист.
Според неговите зборови, на баба Халиме многу ѝ се допаднал скокот.
„Постои израз што сите го знаат, од седум до 77. Јас за параглајдинг го користам изразот од 3 до 103. Мојот најстар патник имаше 93 години, а кај колегите гледав луѓе и од 101 година како скокаат. Секоја година има и деца од три-четири години кои скокаат. Поради тоа, параглајдингот е спорт со кој можат да се занимаваат луѓето од сите возрасти, сѐ додека се придржуваат до правилата“, рече Тутгун.