Halil Demir
04 Ноември 2020•Ажурирај: 05 Ноември 2020
ИСТАНБУЛ
Во операцијата против структурите на терористичката организација ФЕТО организирана во седум области во Турција, меѓу кои и Истанбул, приведени се 19 лица, за кои е утврдено дека го користеле системот за тајно комуницирање „БајЛок“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Екипите на Одделот за борба против организиран криминал во Истанбул започнаа акција за да ги фатат осомничените лица, меѓу кои се лица задолжени за склопување бракови меѓу членовите на организацијата, т.н. имам за алевитите на подрачјето на Ускудар, т.н. имами за студентите на поширокото подрачје и т.н. имами во Турските вооружени сили (ТСК) и останатите безбедносни сили.
Во рамките на истрагата се извршени претреси на повеќе адреси во седумте области, а фатени се 19 лица, меѓу кои и високи членови.
Во тек е процесуирање на осомничените.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули, 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.