Zekeriya Karadavut
05 Февруари 2021•Ажурирај: 06 Февруари 2021
АКСАРАЈ (АА) - ЗЕКЕРИЈА КАРАДАВУТ -
Во сливот на езерото Туз во турската област Аксарај откриен е нов растителен вид од родот лутиче.
Откритието е резултат на четиригодишна теренска работа во јужните делови на езерото Туз на професорите доц. д-р Сехер Караман Еркул и доц. д-р Мехтап Текшен од Факултетот за биологија на Универзитетот „Аксарај“ и проф. д-р Хајри Думан од Универзитетот „Гази“.
Доц. д-р Еркул во изјавата за Агенција Анадолија (АА) истакна дека спровеле голем број студии во езерото Туз и неговата околина и дека тоа е значајно и атрактивно место за ботаничарите.
Наведувајќи дека во 2017 година за време на теренските студии наишле на лутиче во форма која претходно не е видена во природата, Еркул рече: „Секако, тоа предизвика голема возбуда кај нас. Веднаш започнавме со истражување за растението. Како резултат на деталните истраги дојдовме до заклучок дека растението е нов вид. На латински јазик растението го нарековме ranunculus aydoğdui.“
Еркул, исто така додаде дека во Турција има 85 различни видови од растението лутиче.
Додавајќи дека новиот вид од другите растенија се разликува со тоа што „листовите му се повеќе месести“, Еркул рече:
„Кога го извадивме од земјата, нашето внимание го привлече структурата на коренот. Нормално, растението лутиче има еднаква форма на корен. Видот што го откривме има рабови и отечена структура на коренот. Студијата за растението во јануари е објавена во списанието „Nordic Journal of Botany“. Во областа Аксарај има околу 200 ендемски растенија.“
- „Работиме на откривање нови видови“-
Доц. д-р Текшен, истакнувајќи дека во многу делови на регионот има ендемични видови растенија, нагласи: „И покрај тоа што се направени различни истражувања од различни истражувачи во многу области, сепак сѐ уште се откриваат нови растенија во и околу езерото Туз.“
Наведувајќи дека нивната главна цел е да докажат дека полето постојано се обновува со текот на времето, Текшен додаде: „Растенијата ја чувствуваат потребата да се менуваат под екстремни услови. Секако, тоа се настани што се случуваат со текот на времето. Работиме на откривање нови видови растенија.“