Sinan Balcıkoca
29 Јуни 2019•Ажурирај: 30 Јуни 2019
БУРСА (AA) - СИНАН БАЛЧИКОЏА –
Изник, во турската провинција Бурса, поради своето значење низ историјата, во текот на целата година привлекува бројни туристи. Една од работите кои е неопходно да се видат за време на посетата на Изник е и џамијата која во 1884 година од дрво ја направија мајстори од Трабзон, подрачје на црноморскиот брег.
Сепак, она што оваа џамија сместена во подножјето на планината Саманли, оддалечена околу 30 километри од центарот на Изник, ја прави посебна е фактот што за време на нејзината градба не е користена ниту една шајка.
Направена е во местото Елмали и тоа во најголем дел од дабово дрво. Со оглед на тоа дека Црноморскиот Регион изобилува со шумски површини, мајсторите од тоа подрачје ги усовршиле техниките на вклопување на дрвото, па џамијата, и покрај тоа што за нејзината изградба не се користени шајки, опстанала и до денешен ден.
Заменик-муфтијата на Изник, Хасан Акџај, во разговор за Anadolu Agency (AA) рече дека градбите од дрво заземаат посебно место во културата на Анадолија.
Акџај додаде дека оваа џамија е направена со метод на вклопување на материјалот и без користењето на шајки потсетува на џамиите во источниот дел на црноморскиот регион.
„Тука во 1871 година е направен месџид [просторија за клањање], кој подоцна е уништен во пожар. Потоа мајсторите од Трабзон во 1884 година направија џамија од дрво, без да користат шајки. Во 1947 година е дограден еден дел“, рече Акџај.
Појасни дека џамијата е реставрирана во 2014 година.
„И денес во неа се извршуваат молитви. Покрај неа, во 2004 година е направена уште една џамија. Со оглед на тоа дека во дрвената џамија нема греење, во зимскиот период ја користиме новата, а во лето дрвената џамија. Џамијата изградена без штици е дел од нашата традиција и култура“, рече Акџај.
Одредени извори наведуваат дека тоа е единствената џамија во Мармарскиот Регион направена без шајки, поради што привлекува дополнителен број посетители.
Хасан Чакар, жител на Изник, рече дека нивните предци пред околу 150 години дошле од Батуми, денешна Грузија, и се населиле во долината на Изник, но дека тука не се задржале долго поради нејзината положба.
„Нашите предци некој Рамазан по должност дошле во џамијата на ова подрачје. Многу им се допаднал Елмали и подоцна со семејствата се доселиле тука“, рече Чакар.
Чакар рече дека оваа џамија, која и денес му пркоси на забот на времето, ја посетуваат голем број туристи.