Seda Sevencan
21 Јули 2020•Ажурирај: 21 Јули 2020
АНКАРА/КОЊА (АА) - Турските безбедносни органи денес приведоа 18 лица за поврзаност со терористичката организација ФЕТО, која стои зад неуспешниот државен удар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обвинителите во главниот град Анкара издадоа налози за приведување на 31 осомничен, меѓу кои и осум државни службеници во активна служба, кои се товарат за користење на „БајЛок“ (ByLock), апликацијата за паметни телефони на терористичката организација за шифрирано допишување.
Полицијата приведе 12 осомничени во операциите во 10 турски области. Потрагата по останатите продолжува.
Обвинителите, пак, во централната турска област Коња издадоа налози за приведување на 14 осомничени лица, од кои шестмина се досега уапсени. Полициските тимови продолжуваат со акцијата за приведување на останатите.
ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), стојат зад неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лица, а речиси 2.200 беа повредени.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долгогодишната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.