İsmet Karakaş
20 Октомври 2020•Ажурирај: 20 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Во рамките на истрагата против лица поврзани со терористичката организација ФЕТО во Турција, коишто работеле во Командата на копнените сили, е издадено решение за притвор на 34 подофицери, од кои 21 во активна служба, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обвинителството во Анкара соопшти дека е издадено решение за притвор за 34 подофицери кои се поврзани со структурите на терористичката организација ФЕТО. Се наведува дека осомничените биле во комуникација со членовите и раководителите на ФЕТО во округот на Анкара.
Единиците за борба против тероризмот за време на операцијата приведоа 21 осомничен.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта, на 15 јули, 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.