Satuk Buğra Kutlugün,Emin Avundukluoğlu
26 Октомври 2016•Ажурирај: 27 Октомври 2016
ДИЈАРБАКИР (AA) – Ѓултан Кишанак, градоначалничката на Дијарбакир – најголемиот град на југоистокот на Турција, уапсена е во рамките на истрагата за активностите на терористичката организација ПКК во тој регион, јавува Anadolu Agency (AA).
Неименуван функционер на безбедносните сили за АА рече дека градоначалничката Кишанак е уапсена доцна синоќа на аеродромот во Дијарбакир, во акцијата на регионалната Дирекција на полицијата.
Покрај градоначалничката Кишанак, во истата синоќешна акција е уапсен и Фират Анил, исто така, избран пратеник во Градското собрание во Дијарбакир. Кишанак од 2007 година била парламентарен пратеник на Партијата за мир и демократија (БДП), а во март 2014 година е избрана како прв градоначалник на Дијарбакир.
Кабинетот на државниот обвинител утрово соопшти дека градоначалничката е уапсена поради сомнеж дека е член на вооружената терористичка организација.
„Јасно е дека градоначалничката Кишанак давала изјави во корист на терористичката организација ПКК и повикувала на прогласување автономија на тој турски регион во текот на одбележувањето на празникот Навруз, кој се одржуваше на повик на ПКК", се наведува во соопштението на обвинителството.
Кишанак се обвинува дека со службеното возило присуствувала на погребите на терористите на ПКК, како и дека присуствувала на состаноците и собирите на оваа сепаратистичка група којашто води повеќедецениска оружена кампања против Турција.
Терористичката организација ПКК својата воена кампања против Турција ја интензивираше во јули минатата година, а турските безбедносни сили кон крајот на минатата година започнаа опсежни операции против тие терористички елементи на југоистокот на земјата и на северот на Ирак.
Досега во тие операции загинаа повеќе од 700 припадници на турските сили и убиени се повеќе од 8.000 терористи.