Gökhan Varan
10 Септември 2020•Ажурирај: 12 Септември 2020
АНКАРА
Министерството за надворешни работи на Република Турција одговори на неодамнешните изјави и нападите кои францускиот претседател Емануел Макрон ги упати на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и порача дека тие изјави се само одраз на личната слабост на Макрон и безнадежноста во која се наоѓа, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Францускиот претседател Макрон, по стар колонијалистички рефлекс, повторно арогантно даваше изјави и се обиде да држи лекции од висина. Всушност, неговите изјави се само одраз на неговата слабост и безнадежноста во која западна“, се наведува во соопштението.
Во соопштението понатаму се наведува дека поминало времето кога Франција можела да прави што сака низ целиот свет.
„Макрон, чии валкани игри ги уништивме и ги спречивме сите итри надворешнополитички планови, сега гневно ја напаѓа Турција и нашиот претседател. Нашиот претседател е еден од лидерите кој на функција е избран со најголема поддршка од гласачите во Европа и тој секогаш сила црпеше од турскиот народ. Турскиот народ и Владата секогаш беа и ќе бидат единствени наспроти ваквите напади“, се наведува во соопштението.
Истакнувајќи дека Макрон не е човек кој може да одредува поморски граници на Медитеранот или во некој друг регион на светот, во соопштението од Анкара понатаму се наведува дека Франција би требало да биде поборник за дијалог и договори, а не да се занимава со слепата поддршка на Грција и Јужен Кипар кои со еднострани подбуцнувачки чекори ја направиле ЕУ заложник на нивните тесногради и кратковиди интереси.
„Тоа го налагаат европските вредности и нашето сојузништво во НАТО. Со индивидуален и националистички став, претседателот на Франција поттикнува тензии и ги изложува на ризик големите интереси на Европа и ЕУ. Франција, која нема ни граница на Источниот Медитеран и која сѐ уште се води со колонијалистички менталитет, нема основа за напад на надворешната политика на Турција која се покажа како сојузничка, искрена, која соработува, хумана и активна. На францускиот народ му оставаме да ја оцени состојбата во која се наоѓа Макрон, кој секој ден сѐ повеќе ја губи поддршката од јавноста во Франција“, се наведува во соопштението.
Макрон на Корзика е домаќин на Самитот на јужните членки на Европската Унија (Med7), а пред почетокот на Самитот изјави дека Европејците треба да бидат отворени и остри кон турскиот претседател Ердоган и неговата Влада, а не кон турскиот народ.