Mehmet Tosun
10 Ноември 2020•Ажурирај: 11 Ноември 2020
АНКАРА (АА) – Турција денес ја одбележува 82-годишнината од смртта на основачот на Република Турција, големиот водач Мустафа Кемал Ататурк, јавува Агенција Анадолија (АА).
Централната манифестација се одржа на платото пред Ататурковиот мавзолеј „Антикабир“ во Анкара, каде што присуствуваше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, министрите и лидерите на партии.
Ердоган положи венец во мавзолејот, по што, точно во 9:05 часот, во времето кога првиот претседател на Турција, Ататурк, починал, му беше оддадена почит, а потоа беше интонирана химната на Република Турција.
Претседателот Ердоган во спомен-книгата во „Антикабир“ ја напиша следната порака:
„На 82-годишнината од смртта, со почит го споменуваме врховниот командант на нашата војна за независност, основачот на нашата Република, нашиот прв претседател, Гази Мустафа Кемал Ататурк. Гази Мустафа Кемал Ататурк и неговите херојски соборци, кои со победа ја крунисаа борбата за егзистенција на нашата нација и ни оставија независна и слободна земја, ќе останат запаметени од нашата нација. Ние ќе продолжиме да работиме за да им оставиме попросперитетна, силна и престижна земја на идните генерации.“
По посетата на делегацијата на Мавзолејот од Ататурк, тој остана отворен за посета на граѓаните со почитување на мерките преземени против Ковид-19.