Ömer Tuğrul Çam
07 Февруари 2020•Ажурирај: 08 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека состојбата во сирискиот град Идлиб, поради агресијата на Асадовиот режим е загрижувачка и дека делегација од Русија утре ќе патува во Турција со цел да се разговара за оваа тема, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу на прес-конференцијата одржана по средбата со неговиот словачки колега Мирослав Лајчак, говореше и за состојбата во Идлиб.
Запрашан за состојбата во подрачјето на Серакиб во Идлиб, Чавушоглу рече дека состојбата е сѐ уште загрижувачка, и дека голем број лица ги напуштиле своите домови поради агресијата на Асадовиот режим.
Шефот на турската дипломатија потсети на нападот против турските војници, во кој загинаа 8 војници.
„Повеќепати одговоривме против тоа. Нашата решителост во оваа насока ја пренесовме и до Русија. Ќе направиме сѐ што е потребно за спречување на хуманитарната драма или катастрофа“, додаде Чавушоглу.
Тој истакна дека со Русија и Иран ги започнале механизмите на Астана и Сочи, чии цели, според него, се осигурување примирје во Сирија и премин во политички процес.
Турскиот министер рече дека досега имале корист од овие механизми, но како што нагласи, агресијата на режимот е зголемена.
Чавушоглу истакна дека со руски претставници повторно разговараат на оваа тема, и дека за тоа разговарал и со неговиот руски колега Сергеј Лавров.
„Нашиот претседател Ердоган пред два дена телефонски разговараше со почитуваниот [руски претседател] Путин. Во рамки на овој телефонски разговор [двајцата лидери] се согласија да се состанат нашите делегации, и делегација од Русија да дојде во Турција. Ние како Министерство за надворешни работи предложивме датум за тоа. Според информацијата која ја добиме предмалку, утре во Турција доаѓа делегација од Русија, под водство на Министерството за надворешни работи. Ќе одржиме средби. Нашиот претседател Ердоган и [рускиот претседател] Путин се согласија во насока на остварување средба на лидерско ниво доколку тоа биде потребно по овие средби. Нашата цел е веднаш да се стави крај на агресијата на режимот и суровоста, да се продолжат состаноците на Уставниот комитет и да се забрза политичкиот процес“, нагласи Чавушоглу.