Tevfik Durul,Yusuf Özcan
01 Октомври 2019•Ажурирај: 02 Октомври 2019
СТРАЗБУРГ/АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека францускиот претседател, Емануел Макрон, ги надминува границите со неговите критики кон Турција во врска со прашањето со миграцијата, слободата на медиумите и слободата на изразувањето, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу даде изјава за медиумите во Стразбург каде учествува на церемонијата организирана по повод 70. годишнина на Советот на Европа како почесен претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ).
Тој рече дека Макрон во своето обраќање на Генералното собрание на ПССЕ со популистички став изразил невистинити тврдења кон Турција и дека францускиот претседател изнел непотребни обвинувања.
Шефот на турската дипломатија изрази несогласување во однос на критиките на Макрон кон Турција во врска со миграцијата, истакнувајќи дека Турција досега целосно го спрведува договорот постигнат со Европската унија (ЕУ).
Според Чавушоглу, ЕУ не ги исполнила нејзините обврски во врска со миграцијата.
„Доколку има некој кој треба да се критикува, тоа се ЕУ и земјите како Франција кои изигруваат лидери на ЕУ. Макрон колку бегалци прими во неговата земја? Наместо бегалците, во Елисејската палата ги прими припадниците на ЈПГ/ПКК во Сирија. Франција и ЕУ пред да и кажат нешто на Турција, треба да бидат искрени и да се држат до збор“, додаде шефот на турската дипломатија.
Чавушоглу се осврна и на коментарите на Макрон во врска со прашањата за човекови права и слободата на медиумите во Турција.
„Според мене, последната земја која може да упати критики кон Турција во врска со овие прашања е Франција и претседателот Макрон“, истакна Чавушоглу.
Турскиот министер укажа на ставот на Франција на протестите на „Жолтите елеци", како и на процесот на вонредната состојба во земјата.
„Кога сето тоа е многу јасно, францускиот претседател Макрон ги надминува границите кога зборува против Турција“, додаде Чавушоглу.