Kübra Chohan
11 Јануари 2018•Ажурирај: 12 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, истакна дека мировните напори во Сирија може да бидат неостварливи доколку на терористичките организации им се дадат „одврзани раце“ и оружје, јавува Anadolu Agency (AA).
Во статијата за меѓународниот магазин „Newsweek“ (Њузвик) под наслов „Вака може да се донесе мир во Сирија“, Чавушоглу истакна дека поддршката на САД на ПКК/ПЈД/ЈПГ е обид кој оди во ужасно погрешна насока.
„Визијата за политички обединета и територијално интегрирана Сирија ќе биде неостварлива доколку на сепаратистичката терористичка организација (ПКК) и се дадат одврзани раце и оружје за да ги постигне своите цели“, вели Чавушоглу.
Потврдувајќи дека борбата против тероризмот не може да се добие со давање поддршка на една терористичка организација во борбата против друга, Чавушоглу нагласи: „Суштинската идеја на НАТО-алијансата е безбедноста на сојузникот да биде приоритетна над краткорочните тактички придобивки кои само помагаат да се создаде еден пакосен круг на насилство“.
Чавушоглу исто така истакна дека треба да заживее процесот во Женева.
„Давањето само ветувања како приоритет во платформата во однос на политичкиот процес не нѐ води никаде. Меѓународната заедница мора да ги искористи најдобрите средства кои ѝ стојат на располагање“, рече Чавушолу.
Говорејќи за претседателскиот самит во Сочи одржан минатиот декември, тој нагласи дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган поставил два услова за тековниот конгрес кој ќе се одржи овој месец, исто така во Сочи.
Тие услови вклучуваат јасна и силна поврзаност со Женевскиот процес со посредство на ОН и јасно отфрлање на секој кој е поврзан со терористичките организации, вклучувајќи ја ПЈД/ЈПГ.
Сочи е местото каде што ќе се одржи Сирискиот национален конгрес за дијалог, кој е планиран за 29 и 30 јануари, на кој ќе земат учество околу 1 700 лица.
Чавушоглу истакна дека сирискиот конфликт е најлошата хуманитарна криза по Втората светска војна, кој произведе глобална закана.
Тој нагласи дека Турција најмногу ги почувствувала последиците на таа глобална закана од терористичките организации ДЕАШ, Ал Нусра и ПКК/ПЈД/ЈПГ.
Тој додаде дека Слободната сириска армија, поддржана од Турција, расчистила територија од 2 015 квадратни километри од елементите на ДЕАШ во Сирија и отстранила 2 647 терористи.
„Турција има потрошено 30 милијарди долари за да ги задоволи потребите на 3,4 милиони Сиријци кои бараат засолниште кај нивниот северен сосед. На нашите гости од Сирија им беа овозможени слободниот пристап до медицинска грижа, образованието, како и правото да се приклучат кон работната сила, со цел да им се помогне подобро да се интегрираат во нивната нова средина“, рече Чавушоглу.
Тој додаде: „ Речиси 70 000 Сиријци се вратија од Турција во ослободените области во Сирија“.
Сирија е зафатена од граѓанска војна од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост врз учесниците на продемократските протести.
Оттогаш, според ОН, во Сирија се убиени над 250.000 лица, а над 10 милиони лица се раселени.