Uğur Çil,Meltem Bulur
26 Октомври 2017•Ажурирај: 27 Октомври 2017
АНКАРА (AA) – Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, денеска изјави дека стабилноста на Косово е од клучна важност за стабилноста на регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу во Анкара се состана со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, а на заедничката конференција за новинарите порача дека Турција и понатаму силно ќе го поддржува Косово во процесот на евроатлантските интеграции и за стекнувањето статус на членка во различни меѓународни организации.
„Силно Косово на сите полиња е еден од приоритетите на Турција и затоа ќе продолжиме со инвестиции, во правец на јакнење на косовската економија“, порача Чавушоглу и кажа пофални зборови за активностите на Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА), која на Косово реализираше повеќе од 600 проекти, во вкупна вредност од 100 милиони долари.
Чавушоглу истакна дека Турција го поддржува продолжувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија, и оти турската делегација тоа им го кажала и на српските колеги во текот на посетата на Белград.
„Стабилноста на регионот е важна, но свесни сме дека од витална важност за тоа е стабилноста и безбедноста на Косово“, порача Чавушоглу.
Осврнувајќи се и на борбата против терористичката организација ФЕТО, која минатата година изведе обид за воен удар во Турција, Чавушоглу рече дека официјална Анкара сака да види посилна соработка на Косово во борбата против таа организација.
„Наше природно право е од Владата на братско Косово да очекуваме да направи конкретни чекори против активностите на ФЕТО во таа земја“, рече Чавушоглу.
„Турција никогаш не ги гледа односите со Косово како алтернатива на соработката со која било друга држава. Добрите односи со други земји не влијаат на нашата политика кон Косово. Во потполност сме решителни во тоа, бидејќи народот на Косово за Турција е братски народ“, заклучи Чавушоглу.
На новинарското прашање да го коментира вчерашниот предлог на Регионалната курдска управа на северот на Ирак со замрзнување на резултатите од неодамнешниот нелегитимен референдум да започне дијалог со Владата на Ирак, Чавушоглу рече дека тоа е позитивен чекор, но никако не е доволен, бидејќи ставот на Турција од почеток е дека тоа е нелегитимен референдум и оти мора да се поништи.
Тој најави дека Турција и понатаму ќе соработува со Владата на Ирак, а целта е братскиот курдски народ во Ирак да не биде жртва на кризата што ја предизвика претседателот на Регионалната управа, Месут Барзани, кој распиша референдум.
И шефот на косовската дипломатија, Пацоли, рече дека Турција е една од првите земји што ја признаа независноста на Косово и чијашто поддршка е неопходна за развојот на земјата.
„Сакаме да продолжиме и да ја интензивираме нашата економска соработка. Косово се чувствува посилно и погордо додека Турција е со него“, рече Пацоли.
Тој истакна дека Косово е млада држава, и оти му е потребна поддршка на сите полиња, а од Турција, меѓу останатото, Косово бара поддршка и во лобирањето за признавање на косовската независност во земјите што тоа сѐ уште не го сториле.
Пацоли рече дека дијалогот меѓу Приштина и Белград влегол во последната фаза и оти Косово сака тој процес да резултира со воспоставување траен мир, и додаде дека во тој контекст, важна е поддршката на Турција.
Тој истакна дека Турција би можела да помогне и во надминувањето на кризата во врска со српското блокирање на пуштањето во функција на изградениот далновод што ги спојува Косово и Албанија.
„Косово ги гледа Турците како свои браќа и секогаш ги дочекуваме со отворени раце и срце“, порача Пацоли.
Пацоли денеска во Анкара ќе се состане и со претседателот на Парламентот на Турција, Исмаил Кахраман, а утре ќе ги прими турскиот премиер Бинали Јилдирим и турскиот министер за развој, Лутфи Елван.