Ecenur Çolak
26 Октомври 2017•Ажурирај: 26 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, истакна дека Турција го поддржува Косово во секоја сфера, и оти Косово е задоволно од активностите на турските инвеститори и бизнисмени во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Пацоли, кој престојува во официјална посета на Турција, на прес-конференцијата одржана по средбата со неговиот турски колега, Мевљут Чавушоглу, нагласи дека Турција е меѓу првите земји што го признале Косово како млада земја, и оти Косово има потреба од помошта на Турција во однос на развојот.
Пацоли вели дека Косово сака да ја зголеми соработката со Турција во сферите на дипломатија, логистика, економија, образование и култура. „Турција ја поддржа младата косовска држава во секоја област. Ние сме свесни за тоа. Во врска со економска соработка, исклучително сме задоволни што турските инвеститори и бизнисмени се активни во Косово“, додаде тој.
„Косово е посилно кога Турција е со него“
Исто така, Пацоли пренесе дека покрај активностите на турските бизнисмени и инвеститори во земјата, Косово е запознаено и со турските производи. Тој истакна дека поради тоа што двете земји имаат заеднички верувања, косовскиот народ ги знае турските производи и често ги употребува, и додаде дека турските производи можат да заземат поголем удел во производите што Косово ги увезува.
Шефот на косовската дипломатија посака соработката меѓу двете земји да продолжи и да се зајакне. „Косово се чувствува посилно, погордо и почестено кога Турција е со него“, рече Пацоли.
Пацоли истакна дека Косово како млада држава има потреба од развој и помош во секоја област, и оти земјата може да соработува со Турција и во областа на дипломатската мрежа.
Косовскиот министер за надворешни работи нагласи дека турската дипломатија, која е меѓу најефективните дипломатии во светот, може да му помогне на Косово во создавањето на дипломатската мрежа, како и во воспоставувањето дипломатски односи со други земји.
Пацоли побара поддршка од Турција во врска со активностите за лобирање во земјите што не го признаваат Косово.
„Косово ги гледа Турците како браќа“
Пацоли истакна дека Косово е во последната фаза во однос на дијалогот со Србија, и нагласи дека сакаат да го крунисаат овој тежок процес со мировен договор. Тој пренесе дека Турција може да биде влијателна во дијалогот меѓу Косово и Србија.
Исто така, Пацоли истакна дека е изградена интерконективна високонапонска линија меѓу Косово и Албанија, но, како што рече тој, таа линија не се користи поради пречките од Србија. Тој побара поддршка од Турција за отстранување на пречките.
Пацоли потсети дека се потпишани 46 договори меѓу Турција и Косово, и укажа на важноста на креативноста во однос на соработката меѓу двете земји.
Косовскиот министер Пацоли изрази благодарност за лекувањето на косовските граѓани во Турција, и за можноста за едукација на косовските студенти.
„Косово ги гледа Турците како браќа. Турците секогаш ги пречекуваме со отворени срца и раце“, истакна министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли.