Ekipa
06 Април 2021•Ажурирај: 07 Април 2021
АНКАРА (АА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, денеска изјави дека е потребно додатно да се интензивира трговијата помеѓу Турција и Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Несомнено е дека ќе се занимаваме со предизвици околу спроведувањето на Царинската унија со цел да ја ажурираме за дополнително да ја зголемиме меѓусебната трговија“, рече Фон дер Лејен на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет Шарлс Мишел, одржана по состанокот со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара.
„Турција покажа дека повторно сака да ги воспостави односите на конструктивен начин; дојдовме да им дадеме поттик на нашите односи со Турција. Разговаравме за соработката во области од заемна корист“, рече Фон дер Лејен.
Таа исто така истакна дека е потребно продлабочување на економските односи помеѓу ЕУ и Турција.
„Турција е ценет партнер од животно значење во Царинската унија“, рече таа.
Нагласи дека Царинската унија со Турција е единствениот договор меѓу двете страни.
„Ќе бараме начини не само за ажурирање на Царинската унија, туку и за понатамошно зајакнување на соработката на јавниот и приватниот сектор. Притоа нашиот фокус ќе биде зелената и дигиталната трансформација“, рече Фон дер Лејен.
Претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, истакна дека ЕУ им придава особено значење на позитивните односи со официјална Анкара.
„Стратешкиот интерес на ЕУ е безбедноста на Источниот Медитеран, стабилноста и позитивните односи со Турција“, рече Мишел и го нагласи значењето на економската соработка меѓу двете страни.
„ЕУ е подготвена да понуди конкретна програма со цел економска соработка со Турција“, рече Мишел.