Ferdi Türkten
07 Октомври 2016•Ажурирај: 08 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, одговарајќи на изјавите на ирачките власти за припадниците на турската војска во Ирак ги оцени таквите изјави за опасни и потсети дека турските војници во базата во близина на Мосул се наоѓаат веќе подолго време, јавува Anadolu Agency (AA).
Запрашан да ја искоментира изјавата на ирачкиот премиер, Хајдар ал Абади, дека турските војници „не смееле да мислат дека дошле на пикник“, Јилдирим изјави оти никој не рекол дека војниците се на пикник.
„Војската не оди на пикник, туку на задача, таа задача е борба против проблемите со кои се соочува светот, а тоа е ДАЕШ. Таа борба во Сирија и во Ирак не ја води само Турција, ја водат сите земји-членки на коалицијата, повеќе од 60 земји, вклучувајќи ги САД и Русија. Земјите што немаат никаква врска со Ирак, ги испратија таму своите војници, експерти, во борба во име на хуманоста. Поради тоа, ваквите изјави на Багдад ги оценувам како опасни и недобронамерни. Нашата војска не отиде таму денес, туку таму е подолго време“, изјави Јилдирим.
Јилдирим изјави дека Турција ќе го продолжи своето воено присуство во кампот Башика кај Мосул, без оглед на ставовите на ирачкиот Парламент, кој неосновано турските сили ги нарекува „окупаторски“.
Парламентот на Ирак на почетокот од неделата ја усвои одлуката со која се противи на турското воено присуство во Башика и турските безбедносни сили ги нарекува „окупаторски“, а притоа денес формално и од Обединетите нации побара да се одржи вонредна седница на Советот за безбедност на таа тема.
Заменик-премиерот и портпаролот на Владата на Република Турција, Нуман Куртулмуш, вчера изјави дека ирачките обвинувања на сметка на Сирија се неприфатливи бидејќи ангажманот на турските сили во Ирак и во Сирија има за цел да даде поддршка против терористичките организации, првенствено ДАЕШ.
Парламентот, односно Големото народно собрание на Република Турција, уште од 2007 година го одобри ангажманот на турските сили да ги извршуваат антитерористичките операции на северниот дел од Ирак. Таа одлука е повторена и проширена за подрачјето на Сирија во 2014 година, кога ДАЕШ зазеде некои од најголемите градови на Ирак и Сирија.
Воениот камп Башика се наоѓа на 12 километри североисточно од центарот на Мосул, контролиран од ДАЕШ, а турските сили во декември минатата година, во тој камп испратиле околу 150 војници со цел за обука на ирачките доброволци за борбата против ДАЕШ.