Metin Mutanoğlu
20 Февруари 2017•Ажурирај: 21 Февруари 2017
МИНХЕН (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим изјави дека методите на борбата против терористите во сирискиот град Рака ќе бидат речиси идентични на оние во Ал-Баб, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим на последниот ден од 53. Конференција за безбедност во Минхен потсети дека претходно имал средба со потпретседателот на САД Мајк Пенс со кој разговарал околу борбата против ДЕАШ, но и за екстрадицијата на лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен.
Кога станува збор за испорачувањето на Ѓулен, на средбата било истакнато дека американските власти сериозно ќе се позанимаваат со ова прашање, кое, според турскиот премиер, претставува нов момент.
Тој го повтори ставот на Турција кога станува збор за ПЈД/ЈПГ, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК.
„Не е исправна методата за користење на ПЈД/ЈПГ во борбата против ДЕАШ. Не е правилно да се настојува да се елиминира една терористичка организација со помош на друга“, рече Јилдирим.
Тој додаде дека Турција е на ставот дека и по ослободувањето на Ал Баб од терористите, ќе помогне во продолжување на борбата против терористичката организација ДЕАШ под услов во тие акции да не се вклучени други терористички организации, како ЈПГ.
Тој, исто така, се осврна и на ситуацијата во Мунбич, додавајќи дека намерата на Турција е многу јасна и дека Мунбич треба да биде ослободен од припадниците на ПЈД.
„Нашиот стил на борба во Рака ќе биде речиси идентичен како во Ал Баб. На терен имаме војници кои ѝ даваат поддршка на Слободната сириска армија. Веројатно тие ќе пружат поддршка. Со американската администрација отвораме нова страница“, рече Јилдирим.
Исто така, тој рече дека мировните преговори во Астана не се алтернатива на оние во Женева, туку дека тие претставуваат прв чекор, и дека е потребно постигнување трајно политичко решение во коешто ќе бидат вклучени сите страни, вклучувајќи ги и Обединетите нации (ОН).
Турскиот премиер истакна дека Ал Баб е ставен под контрола и дека се врши негово расчистување од терористите, иако постојат одредени потешкотии.
„Под целиот град постојат тунели, се појавуваат бомбаши-самоубијци, не е лесно, но патиштата за снабдување на терористите се прекинати. Тоа е важно“, изјави Јилдирим.
Осврнувајќи се на референдумот за уставните реформи во Турција, кој треба да се одржи на 16. април, Јилдирим рече дека граѓаните ќе одлучат за системот што го сакаат.
„Немам видено дека до денес народот има донесено погрешна одлука. Ако политичарите донесат погрешна одлука, народот тоа го исправа“, додаде Јилдирим.