Балкан

Тачи: Моментот на формализирање на војската тропа на врата

„Долгоочекуваниот момент на формализирање на нашата војска тропа на отворена врата. Нашите стратешки партнери и НАТО целосно го поддржуваат тој процес на трансформација на војската...“

Zülfiya Yakup  | 18.02.2018 - Обновена : 19.02.2018
Тачи: Моментот на формализирање на војската тропа на врата  Besar Ademi/AA

Pristina

ПРИШТИНА (АА) - По повод 10-годишнината од независноста на Косово денеска се одржа свечена седница на Собранието на Косово и свечена парада на припадниците на Безбедносните сили на Косово и Полицијата на Косово на плоштадот „Мајка Тереза“ ​​во Приштина, јавува Anadolu Agency (AA).

На парадата, која ја следеа голем број граѓани и странски гости, претседателот на Косово, Хашим Тачи, истакна дека е решен државата Косово да добие своја војска што е можно поскоро.

„Долгоочекуваниот момент на формализирање на нашата војска тропа на отворена врата. Нашите стратешки партнери и НАТО целосно го поддржуваат тој процес на трансформација на војската, бидејќи таа ќе биде уште една додатна вредност во служба на мирот и стабилноста во регионот“, рече Тачи. 

На парадата ѝ претходеше свечена седница на Собранието, на која присуствуваа претседателот на Албанија, Илир Мета, премиерот на Албанија, Еди Рама, претседателот на албанскиот Парламент Грамос Ручи, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, американскиот конгресмен Елиот Енгел, помошникот на американскиот државен секретар за одбрана, Роберт Карем, поранешниот премиер на Турција, Ахмет Давутоглу, поранешниот хрватски претседател, Стипе Месиќ, амбасадорот Вилијам Вокер, дипломати акредитирани во Косово, како и многу други меѓународни и домашни гости. 

Во обраќањето на пратениците и гостите, претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, рече дека пред 20 години малку беа оние кои веруваа дека Косово може да биде слободно, како и дека пред 10 години малку беа оние кои веруваа дека Косово ќе биде независна држава. Весели изјави дека во последните две децении е направен голем напредок, но дека на Косово му претстои уште многу работа.

„Изградивме демократска, функционална, ефикасна држава. Косово денес е сигурна куќа за сите граѓани, без оглед на разликите кои постојат. Нашата економија е во пораст, имаме финансиска и макроекономска стабилност и одржливост. Спаѓаме меѓу малкуте држави кои со сопствени средства ја модернизираа патната, училишната и здравствената инфраструктура“, рече Весели.

Тој понатаму нагласи дека Косово има одлични односи со соседите Македонија, Албанија и Црна Гора, а се работи и на подобрувањето на односите со северниот сосед Србија, преку дијалог, а не преку конфликт.

Американскиот конгресмен Елиот Енгел, кој има направено многу за слободата и независноста на Косово, ја честиташе десеттата годишнина од независноста, истакнувајќи дека Америка никаде во светот нема попријателски луѓе, отколку во Косово.

Енгел го поздрави постигнувањето договор за државната граница меѓу претседателите на Косово и Црна Гора, и изрази надеж дека косовското Собрание ќе го ратификува договорот, за Косово да не биде единствената земја на Балканот чии граѓани не можат да патуваат во земјите на ЕУ без визи.

Енгел наведе дека таквите договори понекогаш не се праведни, но дека е важно Косово да донесува тешки одлуки со цел да оди напред. „Време е за акција, време е за промени и време е за гледање кон иднината“, порача тој.

На свечената седница во косовското Собрание говореше и премиерот на Албанија, Еди Рама, кој истакна дека Косово и Албанија се две реалности, формално административно поделени, кои живеат соработувајќи и политички и економски.

„Тешкиот дијалог со Србија ќе биде историја, и Албанците и Србите ќе живеат во функција на иднината како два добрососедски народа и како неодвоив дел од Европската Унија (ЕУ). Косово и Албанија ќе имаат една надворешна политика и не само амбасадите и заедничките дипломатски претставништва, туку зошто да не и еден претседател, симболот на националното и политичко единство“, рече Рама.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın