ОН: Во светот присилно се раселени рекордни 65,6 милиони лица
Трета година по ред, Република Турција е земја со најмногу згрижени бегалци во светот, а најголем број бегалци доаѓаат од Сирија

Geneve
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации објавија извештај за мигрантската ситуација во светот на крајот од минатата година, во којшто се наведува дека бројот на присилно раселените лица достигнал рекорден број од 65,6 милиони, јавува Anadolu Agency (AA).
Извештајот „Глобални трендови за раселувањето“ е дело на ресорната агенција на ОН, УНХЦР, а во него се наведува дека кон крајот на минатата година во светот имало 300.000 повеќе раселени во однос на годината претходно.
Меѓу 65,6 милиони присилно раселени во светот, 22,5 милиони лица се со статус на бегалци, 40,3 милиони се внатрешно раселени и 2,8 милиони се лица кои бараат азил.
Трета година по ред, Република Турција е земја којашто згрижува најголем број бегалци во светот.
Воедно, Турција е и четврта земја во светот по бројот на примени поединечни барања за азил. Германија е земја со најголем број примени поединечни барања за азил, а минатата година прими 722.400 такви барања. Следуваат САД со 262.000, Италија со 123.000 и Турција со 78.800 примени барања.
Втора земја според бројот на згрижени бегалци во светот е Пакистан, со 1,4 милиони бегалци, а потоа следува Либан со милион згрижени бегалци.
Од Сирија доаѓаат најголем број бегалци, 5,5 милиони, а следуваат Авганистан од каде што доаѓаат 2,5 милиони бегалци и Јужен Судан со 1,4 милиони.
Сирија е воедно и земја со рекордна популација од 12 милиони присилно раселени лица, меѓу кои 5,5 милиони се бегалци, 6,3 милиони се внатрешно раселени и 185.000 се баратели на азил.
Следува Колумбија, во која присилно се раселени 7,7 милиони лица, Авганистан со 4,7 милиони такви лица.
Според последниот извештај на ОН, во текот на минатата година, статус на присилно раселени лица поради судир и други кризи стекнаа 10,3 милиони нови лица, што е во просек 20 нови раселени секоја минута.
Од УНХЦР исто така предупредуваат дека најмалку десет милиони лица во светот се апатриди или се изложени на голем ризик да станат апатриди.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.