свет

Пожари на ден Велигден: Изгоре македонска православна црква во Сиднеј

Македонската православна црква „Христово Воскресение”, во јужниот дел на Сиднеј во целост е уништена во огнена стихија, додека грчката православна црква во Мелбурн, која е втора најстара во Австралија, е делумно оштетена

Alma Çekovic  | 02.05.2016 - Обновена : 03.05.2016
Пожари на ден Велигден: Изгоре македонска православна црква во Сиднеј

Sidney

СИДНЕЈ (АА) - Две православни цркви во Австралија, македонска и грчка, беа зафатени од голем пожар на ден Велигден, само неколку часови откако во Њујорк изгоре српска православна црква, јавуваат австралиските медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).

Македонската православна црква „Христово Воскресение”, во јужниот дел на Сиднеј во целост е уништена во огнена стихија, додека грчката православна црква во Мелбурн, која е втора најстара во Австралија, е делумно оштетена.

Локалните медиуми пренесуваат дека пожарот во црквата во сиднејското предградие Рокдел, избувнал околу 22 часот по локално време, неколку часови по велигденската литургија.

Со огнената стихија се бореле околу 60 пожарникари од 15 противпожарни станици, но не успеале да го спречат пожарот во целост да го уништи објектот.

Се наведува дека при гаснење на пожарот повредени се тројца пожарникари, од кои двајца се хоспитализирани.

Грег Малинс од противпожарната екипа истакна дека е премногу рано да се зборува за причините за пожарот, но поради прославувањето на Велигден цел ден имало луѓе во црквата, па оттука „тешко е да се поверува дека некој успеал да го подметне пожарот”.

„Нè изненади интензитетот на пожарот, објектот многу брзо се сруши. Имавме среќа што има волку малку повредени”, рече Малинс.

Истовремено, американските медиуми јавуваат дека српската православна црква „Свети Сава” на Менхетен изгорела во пожар кој ја зафатил само неколку часа откако верниците во неа присуствувале на велигденската литургија.

Противпожарната служба во Њујорк соопшти дека огнот брзо ја проголтал црквата, која потекнува од 19 век.

Официјални лица наведуваат дека не е познато дали имало некој во црквата во времето на избивање на пожарот.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.