Одбележана 25-годишнината од почетокот на опсадата на Сараево
Со нападот на граѓаните на Сараево и смртта на Суада и Олга, на 5. април 1992 почна опсадата на Сараево, која траеше 44 месеци, што преставува најдолгата опсада на еден град во современата историја
Saraevo
САРАЕВО (АА) - Со одавање почест и положување цвеќе на спомен-плочата на мостот „Суада Дилберовиќ - Олга Сучиќ“, денес Сараево се потсети на првите жртви од опколеното Сараево, јавува Anadolu Agency (AA).
Со положување свежо цвеќе, граѓаните и претставниците на институциите ја одбележаа 25-годишнината од смртта на дубровчанката Суада Дилберовиќ и сараевчанката Олга Сучиќ, храбрите учеснички на демонстрациите за мир во 1992 година.
„Ова се првите недолжни жртви во Сараево, кои го означија почетокот на апокалипсата и страдањето во Сараево, кое, за жал, траеше четири години. Билансот на таа состојба е многу трагичен - 11.541 мртви, над 50.000 ранети, така што ова е мала, симболична капка на она што го доживеа Сараево пред 25 години“, истакна Игор Гавриќ, претседавач со Градскиот совет на град Сараево.
Некогашниот Мост Врбања денес е познат како Мостот на Суада и Олга. На мостот е поставена спомен-плоча во чест на храбрите девојки. Имињата на Суада и Олга се запишани со златни букви, како и стихот „Капка моја крв протече, и Босна не пресуши“.
Мостот најпрвин е преименуван како Мост на Суада Дилберовиќ (6. април 1996 година), а потоа е повторно преименуван во Мост на Суада и Олга (3. декември 1999 година).
Со нападот на граѓаните на Сараево и смртта на Суада и Олга, на 5. април 1992 година почна опсадата на Сараево, која траеше 44 месеци, или вкупно 1.425 дена, што преставува најдолгата опсада на еден град во современата историја. За време на опсадата убиени се 11.541 граѓани на Сараево, од кои 1,601 деца.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.